Георгиевски за Призма: За мене нема ништо шокантно во Бугарските препораки за заеднички чествувања на личности и за измените на учебници од античкиот период

0
345

Во 1990-тите го нарекуваа „бугараш“, а тој противниците „србомани“. Триесет години подоцна е во коалиција со наследниците на некогашниот Сојуз на комунистите, а, според новите критериуми на неговите некогашни сопартијци, би влегол во категоријата „предавник“, иако, за волја на вистината, голем дел од нив немаат храброст тоа гласно да го изговорат.

„Кога ќе се потсетам на раните 90-ти години, таквите етикетирања беа со висока фреквенција. Сега етикетирањата се враќаат со истата сила“, вели Љубчо Георгиевски, алудирајќи на сегашните поделби за Призма.

Со некогашниот премиер и основач на ВМРО-ДПМНЕ, а денес лидер на ВМРО-Народна, која е во коалиција со владејачкиот СДСМ, Призма разговараше за проблемите што произлегуваат во релациите со источниот сосед, за состојбите и тука и таму, за отпорот во македонската интелектуална елита што се рефлектира на целото општество, за препораките на историската комисија и линиите на поделбата.

Денес ги смета за погрешни реакциите и етикетирањата што беа содржани и во неговите изјави од тоа време, и во ставовите на неговата партија за некои прашања од минатото, како на пример промената на знамето во 1993 година или, пак, протестите против учењето на албански јазик. Но, за жал, станува збор за грешка што се повторува, смета тој.

„Мајстори сме и денес од ништо да направиме национални трагедии. На истиот начин сега ова го правиме со Бугарија“.

Љубчо Георгиевски важи за политичар што многу зборува за историјата. Особено за онаа со Бугарија, за која често нагласува дека не е докрај расчистена.

Дел од борбата за демократијата во 1990-тите, кога се уриваше комунистичкиот свет не само во Македонија и во Југославија, туку и во целата источна Европа, беше и за ревидирање на историските теми, кои беа затворени од комунистичките системи.

И додека тоа е тема во многу посткомунистички земји, Македонија успева 30 години да не отвори ниту едно прашање.

Деновиве, македонската јавност ги дебатира првите плодови од работата на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања, која треба да ги утврди пунктовите на заедничката историја.

Пет нивни препораки се за заеднички чествувања на личности од средниот век и пет препораки за измени на учебници од античкиот период.

Тоа се периоди што и досега не се сметаа за спорни меѓу двете соседни земји, но, сепак, предизвикаа жестоки реакции, што кулминираа со писмото потпишано од стотина интелектуалци против препораките на заедничката комисија.

„За мене нема ништо шокантно во нив. Сето тоа што го имаме во препораките, македонските историчари го имаат кажано и напишано досега“.

Како пример ги посочува препораките за светите Кирил и Методиј, Климент и Наум.

„На мојот факултет – компаративна книжевност, по предметот средновековна книжевност, мојот професор го има зборувано истото што го има и во препораките“.

„Оваа реалност никој не може да ја негира, затоа што целата, и балканска, и светска медијавистика, го потврдува тоа што излезе во препораките на комисијата“, ни кажа.

Тој смета дека отпорот кон работата на комисијата, која има за задача да најде заеднички прифатливи решенија за спорните историски настани и личности, може да се сведе на три нивоа.

Првото ниво е политичко, односно амбицијата на „политичките опоненти на сегашната власт да ќарат поени“. Според него, сосема погрешна стратегија, бидејќи „многу поважно за опозицијата би било да ги нагласува економските критики кон оваа влада и целата економска состојба.

Второто ниво, Георгиевски го лоцира во историска фела, кај која, како што вели, има и една „лична загрозеност“.

„Многу од тие автори пишувале дали за овие периоди или за некои периоди што потоа ќе следуваат, и се сметаат дека практично нивните дела најверојатно ќе треба да бидат избришани од македонската историска наука“.

Како контрапункт на таквите стравувања, тој го посочува примерот на академик Иван Катарџиев со чии ставови полемизирал и кого го сметал за репрезент на таканаречената „комунистичка историографија“, за која беше карактеристично инсистирањето дека нема ништо заедничко во историјата на двете земји и кој, во последните години на својот живот, ги редефинирал своите позиции.

Третиот пункт е „длабоката држава“, односно луѓе се или биле во минатото поврзани со разузнавачки служби и кои ако „гледаат дека има подобрување во односите со Бугарија, се обидуваат да го урнат, а да ги прашате зошто го прават тоа, и самите не знаат“.

 

Текстот во целост на: Призма