Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, на прес конфренција обвини дека Владата донела незаконска одлука за давање на трајно користење на училишен објект во градот на Агенцијата за катастар на недвижности.
Се работи за една од двете училишни згради, познати како „Стара Медицина“, каде настава следат македонските паралелки на Гимназијата, објави slobodnaevropa.mk.
Касами побара да се преиспита оваа одлука и информираше дека ќе ја обжали затоа што, како што рече, со оваа одлука Владата го прекршила Законот за основно и средно образование.
Од Владата пак соопштија дека одлуката е донесена на барање на Агенцијата за катастар, затоа што досегашните простории не се адекватни за реализација на работните задачи и процедури, имајќи го предвид соодносот на бројот на вработени и просторните услови.
„Имајќи предвид дека катастарската документација спаѓа во категоријата на архивска граѓа од трајна вредност, треба да се обезбедат простории со соодветни услови кои ќе овозможат заштита и чување на катастарската документација. Дополнително, досегашните просторни услови воопшто не се соодветни за пристап за повозрасните лица како и за лицата со попреченост и инвалидитет што е спротивно на политиката на Владата за да се олесни комуникацијата на институциите со сите граѓани“, се наведува во владината реакција.
Во објектите на „Стара медицина“ се одвива настава на паралелките по македонски јазик при гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.
извор: slobodnaevropa.mk.