DW: Русија ќе гради нови атомски реактори во Унгарија

Унгарските власти, кои со месеци на назад ја критикуваат политиката на ЕУ за санкционирање на Русија поради нејзината инвазија против Украина, издадоа одобрение за изградбата на два нови нуклеарни реактори од страна на рускиот енергетски концерн Росатом. „Нека започне изградбата“, порача министерот за надворешни работи Петер Сијарто во објава на Фејсбук, објави DW.COM.

„Ова е голем чекор, важна пресвртница“, додаде Сијарто. „На овој начин ќе ја обезбедиме енергетската безбедност на Унгарија на долг рок и ќе ги заштитиме Унгарците од дивите промени во цените на енергијата“, рече тој. Тој истакна дека нуклеарните реактори би можеле да бидат подготвени за работа до 2030 година.

Договорот постигнат меѓу Русија и Унгарија во 2014 година има за цел да ја прошири постојната нуклеарна централа Пакс. Таа централа во моментово произведува 40 отсто од електричната енергија во Унгарија.

Со дополнителните два реактори, капацитетот на нуклеарната централа – која се состои од четири реактори изградени во поранешниот Советски Сојуз – ќе се зголеми повеќе од двојно.

Контроверзниот проект вреден 12,5 милијарди евра во голема мерка е финансиран од Русија.

Финска инаку во мај откажа сличен договор со Росатом за изградба на нуклеарен реактор во земјата.

Поради војната во Украина, многу земји од ЕУ се обидоа да ја намалат зависноста од руските енергетски резерви. Унгарија не ги поддржа безусловно европските санкции против Русија за енергенсите.

извор: DW.COM.