Вооружен грабеж се случи во домот на Пјер-Емерик Обамејанг, кој настапува за шпанската екипа Барселона, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во вестите во каталонските медиуми се истакнува дека куќата на 33-годишниот Обамејанг била ограбена од 4 вооружени лица.
Во инцидентот што се случил околу 1:00 часот по полноќ, кога фудбалерот и неговото семејство биле дома, крадци со маски влегле во куќата од градината и со оружје им се заканувале на фудбалерот и неговата сопруга.
Насилно го принудиле фудбалерот да го отвори сефот каде што се наоѓале скапоцените работи и откако ги зеле, побегнале.
Базирајќи се на полициски извори, Радио „RAC 1“ соопшти дека фудбалерот и неговата сопруга се удрени со челична шипка во вилицата. Крадците им ги врзале рацете на Обамејанг и сопругата кои така останале на земја околу еден час.
Се нагласува дека полесно повредениот фудбалер и неговата сопруга се во добра состојба, а по крадците кои избегале сè уште се трага.
Весникот „Ел Периодико“ исто така напиша дека крадци упаднале во истата куќа пред околу два месеци, но дека Обамејанг и неговото семејство во тоа време не биле дома.
Во Шпанија и во минатото имало случаи крадци да упаднат во куќи на фудбалери. Во Барселона ограбени се куќите на фудбалерите Жорди Алба и Кевин Боатенг.
извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).