„Уставни измени па пристапни преговори“. Ваква порака им донесе германскиот пратеник Михаел Рот на првите луѓе во државата, Парламентот, но и во Комисијата за надворешна политика и опозицијата. Рот очекува Европската унија и Германија да бидат поприсутни и да ги охрабрат Македонците да го направат следниот чекор, но и да потенцираат дека ЕУ е заедница со културна и јазична разновидност и никој нема право да се меша во културниот идентитет.
Се надевам дека сега во македонскиот Парламент ќе се создадат предуслови за да може ангажирано да се продолжи со пристапните преговори. Знам дека на многумина воопшто не им паѓа лесно кога станува збор за овие уставни измени, но секој треба да си постави прашање. Прашањето не е „Како можам јас да `и помогнам на мојата партија“, туку „Како можам да ` и помогнам и да придонесам за мојата земја“, изјави Рот.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ не отстапува од негативниот став кон уставните измени. Тоа на Рот лично му го соопштил неговиот колега од македонскиот Парламент, Антонио Милошоски.
Изразив жалење што Европската унија не успеа да го спречи агресивниот ревизионизам од Бугарија по однос на самобитноста и етногенезата на македонскиот народ. Пратениците од ВМРО ДПМНЕ се против уцените од Бугарија за смена на Уставот, кој еминентниот германец Роман Херцог и французинот Роберт Бадентер го оценија со највисоки оценки, изјави Антонио Милошоски, претседател на Комизијата за надворешна политика
Претседателот Стево Пендаровски, спикерот Талат Џафери, како и министрите Бојан Маричиќ и Бујар Османи ја поздравуваат посетата на Рот во момент кога земјата треба да го почне скринингот како прва фаза во преговорите за членство со Унијата, по долгиот период на застој и блокади.
телма.мк