Лиз Трас ќе биде нов премиер на Велика Британија. Според информации од Конзервативната партија, 47-годишната досегашна министерка за надворешни работи добила 57 проценти од гласовите на ториевците, додека нејзиниот противкандидат Риши Сунак, екс министер за финансии, освоил доберба од 43 проценти од сопартијците.
Трас најави „храбар план“ за намалување на даноци и економски пораст. По Маргарет Тачер и Тереза Меј, Трас е трета премиерка на Велика Британија.
Гласањето меѓу 200.000 членови на конзервативните ториевци за нивниот иден лидер, а воедно автоматски и за следен премиер, заврши во петокот, а денеска беше објавен резултатот. Трас во последните денови водеше во сите анкети на јавното мислење.
Премиерот Борис Џонсон на почетокот на јуни се повлече од лидерската функција по масивниот револт во неговата партија, предизвикан од бројни скандали. Утре тој кај кралицата Елизабета Втора официјално ќе ја поднесе својата оставка од челното место во владата, по што кралицата ќе ја прими неговата наследничка.
Лиз Трасп о нејзината изборна победа му се заблагодари на досегашниот премиер Џонсон, нарекувајќи го свој пријател во првиот говор како претседателка на Конзервативната партија. Таа му оддаде признание на Џонсон за тоа што го заврши Брегзит, се одбрани од Лабуристичката партија, се погрижи за брзо воведување на вакцина против коронавирус и му се спротистави на рускиот претседател Владимир Путин. Трас изрази убедување дека мнозинството Британци ќе ги поддржат целите на нејзината партија и дека ториевците ќе победат на парламентарните избори планирани за 2024 година. Анкетите меѓутоа моментално прогнозираат водство на опозиционата Лабуристичка партија.
Дојче Веле