Започна 35. Охридски пливачки маратон. Им посакувам мирни води на пливачите. Ве поканувам на градското пристаниште да ги пречекаме, а од 14 часот да уживаме во настапот на Ансамблот “Билјана јуниор”, напиша на својот ФБ Профил градоначалникот Кирил Пецаков.
Во машка категорија се натпреваруваат домаќините Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев, од Словенија Арне Фурлан Штулар, Франческо Гетини од Италија, Матијас Дијас Хернандес од Аргентина и Сидрит Деску и Арион Будима од Косово. Единствената девојка на годинашниот маратон ќе биде аргентинката Рита Ванеса Гарсија.
„Охридскиот пливачки маратон не би опстоил сите овие години доколку тука не биле плејада заслужни охриѓани кои го поддржувале, афирмирале и помагале. А наша задача како млади генерации е да го почитуваме нивното дело. За таа цел вечерва Општина Охрид додели благодарници за маратонците, кои дале придонес во организацијата на Охридскиот пливачки маратон, Дики Бојаџи, Ристе Савин и Насте Јончески. Постхумно благодарници беа доделени и на Климе Савин, Леко Радиќ, Славе Филев, Нико Нестор и Атина Бојаџи“, истакна на свеченоста на претставувањето на пливачите кои учествуваат на 35то издание на Охридскиот пливачки маратон, градоначалникот Кирил Пецаков.
Инаку маратонот годинава се одржува благодарение на локалната самоуправа на Охрид. И покрај тоа што годинава изостана редовниот термин на одржување на оваа охридска традиција, на крајот од месец август, сепак маратонот успеа да се спаси во последен миг од страна на општина Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков. со претседателот на Советот Сашо Донев, каде се исгласа од страна на Советот , општината да ги превземе сите ингеренции за негово целосно одржување.
фото: ФБ Кирил Пецаков