Чарлс III официјално стана британски крал

Чарлс Трети и официјално е крал на Обединетото Кралство. Многубројни актуелни и поранешни политичари во одаите на палатата Сент Џејмс најпрво го проследија состанокот на Советот за пристапување на кој се потврди кралската титула, а потоа следуваше церемонијата за потпишување на протоколот и давање заклетви. Новиот монарх се обврза дека доследно и безрезервно ќе го чува наследството на својата покојна мајка.

„Длабоко сум свесен за ова големо наследство, како и на должностите и тешката одговорност за служење што сега ми припаднаа мене. Во исполнувањето на должностите ќе се стремам да го следам инспиративниот пример кој го стекнав и да спроведувам мир, хармонија и просперитет за луѓето на овие острови.“- Крал Чарлс III.

Протоколот за прогласување го потпишаа и неговиот престолонаследник, Принцот Вилијам и неговата сопруга Камила, која ја добива титулата кралица-придружничка. Текстот на прогласот потоа беше гласно прочитан на еден од балконите на лондонската палата со што и јавно се обзнани веста за новиот владетел. Прогласувањето беше проследено со топовски поздрави, а илјадници Британци се собраа да го проследат свечениот чин.

На свои 73 години, Кралот Чарлс III е највозрасниот од својата лоза која го презема британскиот трон.

фото: PRTSC