Зголемен бројот на луѓе кои живеат под модерно ропство

0
211

Според најновиот извештај кој го претстави Обединетите нации, бројот на робови се зголемил за речиси 10 милиони во последните пет години.

Над 50 милиони луѓе се сметаат за „модерни робови“, дел од нив се експлоатирани за принудна работа, а останатите се дел од принудни бракови. Според најновиот извештај кој го претстави Обединетите нации, а во кој учествуваа Меѓународната трудова организација (ИЛО), Меѓународната организација за миграција (ИОМ) и невладината организација „Чекори слободно“, бројот на робови се зголемил за речиси 10 милиони во последните пет години.

Што го карактеризира модерното ропство?

Најизложени групи се жените и децата, а модерното ропство е застапено и во земјите со средни и високи приходи и може да се сретне секаде без оглед на етнички, верски или расни линии.

Една четвртина од речиси 28 милиони кои се изложени на принуден труд се принудени на сексуална експлоатација, а повеќето од нив се жени или четири од пет случаи.

Државите исто така се виновни во 14% од случаите на модерно ропство преку различни методи на трудова и сексуална експлоатација. Во останатите случаи злоупотребата на трудот и ропството се врзани со приватниот сектор.

Меѓу останатите карактеристики на модерното ропство се и заканите, уцените, употреба на сила и заплашување како и држење во должничко ропство и злоупотреба на слуги за домот.

Не се поштедени ни мигрантите

Покрај децата и жените, мигрантите се исто така една од најзагрозените категории која е под голем ризик од модерно ропство.

Според извештајот, мигрантите кои работат имаат три пати поголем ризик да бидат предмет на принуда споредено со останатите работници.

Додека работната миграција има главно позитивен ефект врз поединците, домаќинствата, заедниците и општествата, неправилната или лошо управувана миграција или нефер и неетички практики на регрутирање ги прават мигрантите особено ранливи.

Вистинските бројки се застрашувачки

ОН смета дека вистинската бројка на принудни бракови, вклучувајќи ги тие каде се инволвирани малолетници се многу поголеми. Повеќето од нив може да се сметаат принудни бидејќи малолетниците, односно децата на 16 години и помлади не може да дадат согласност да стапат во бракот согласно законските норми.

Се проценува дека во последните години бројот на луѓе во принудни бракови, од кои најголем дел се жени, се зголемил за околу 6,6 милиони.

Истражувачите оценуваат дека во 85 отсто од случаите на принудни бракови постои притисок од семејството врз младите.

Сеопфатен пристап за крај на модерното ропство

ОН смета дека единствено со сеопфатен пристап во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни може да се стави крај на модерното ропство.

Антонио Виторино, генералниот директор на ИОМ нагласи дека меѓународната заедница треба да се потруди да го спречи растечкиот тренд на принудна работа и бракови на мигрантите.

Гај Рајдер, генералниот директор на ИЛО, наведувајќи дека треба да се координираат националните и меѓународните мерки за намалување на модерното ропство, рече: „Синдикатите, работодавачите, организациите, невладините организации и обичните граѓани се критични во оваа борба“.

Меѓу препораките се да се забранат браковите на лица под 18 години, да се засилат инспекциите на организациите за заштита на работниците, но и да се зајакне социјалната и правна заштита.

трт балкан