Поранешен кинески министер за правда осуден на смрт поради корупција

Судот во Кина денеска го осуди поранешниот министер за правда на смрт поради корупција од над 16 милиони долари, со можност за двегодишно одлагање на казната, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Фу Женгхуа (67) беше прогласен за виновен од Централниот народен суд во Чангчун во североисточната кинеска провинција Џилин. Смртната казна може да се ублажи по две години затвор“, се наведува во судската одлука.

Тој беше министер за правда во периодот од март 2018 и април 2020 година.

Обвинет е за злоупотреба на позицијата во периодот помеѓу 2005 и 2021 година, вклучително и примање мито во вкупна вредност од над 117 милиони јуани (околу 16,76 милиони долари) и „менување на законот за лични придобивки“.

Судот доживотно му ги одзеде политичките права на Фу и му го конфискува целиот личен имот.

„По двегодишното одложување за неговата смртна казна, казната на Фу може да биде заменета со доживотен затвор во согласност со законот, но нема да му се даде дополнително намалување или условно ослободување“, се вели во судската одлука, цитирана од Кинескиот јавен радиодифузен сервис ЦГТН (CGTN).

Поранешниот кинески функционер бил на функциите шеф на Општинското биро за јавна безбедност во Пекинг, заменик-министер за јавна безбедност, министер за правда и заменик-шеф на Националниот комитет на Комитетот за социјални и правни прашања на Кинеската народна политичка консултативна конференција (CPPCC).

Судот утврди дека Фу сокрил докази за осомничено сериозно кривично дело извршено од неговиот брат Фу Веихуа додека служел како шеф на Бирото за јавна безбедност во Пекинг помеѓу 2014 и 2015 година.

„Ова прикривање му овозможи на Фу Веихуа да избегне кривично гонење за долго време“, наведе судот во својата пресуда.

„Сумата на мито што Фу ја зеде беше огромна, и тој изврши особено сериозни кривични дела, што предизвика големи загуби за интересите на државата и народот, а исто така, имаше особено лошо општествено влијание“, се додава во пресудата.

Судот, сепак, истакна дека Фу добил „блага казна“, бидејќи „ги признал сите кривични дела и се изјаснил за виновен во текот на истрагата, давал најави за важни случаи и соработувал во враќањето на своите незаконски добивки“.

Фу стана дел од Комитетот за социјални и правни прашања на Националниот комитет на Кинеската народна политичка консултативна конференција, по функцијата министер за правда.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото:Агенција Анадолија (АА).