Амбасадата на Франција ќе создаде мрежа на училишта во Македонија под брендот „Го сакам францускиот“

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и Амбасадорот на Франција во Македонија, Сирил Бомгартнер потпишаа меморандум за соработка, чија цел е заживување на наставата по француски јазик во училиштата и универзитетите во земјава.

Со потпишувањето на меморандумот, ќе се посветиме на поттикнување на изборот на францускиот јазик во основните и средните училишта преку воспоставување на активности за негов развој, изработка на алатки за промоција на францускиот јазик и организација на настани наменети за раководните и педагошки тимови во училиштата, како и зајакнување на наставата по француски јазик во основните и средните училишта преку обезбедување на модерни технолошки помагала, организација на педагошки обуки во Франција, вмрежување на училишта од Франција, Македонија и регионот, изјави министерот Шаќири.

Министерството за образование и наука, додаде министерот, ќе им ги стави на располагање на основните и средните училишта алатките за промоција на францускиот јазик, изработени во рамките на регионалниот проект на француското министерство за Европа и надворешни работи и ќе го поттикне нивното користење од страна на училиштата кај учениците и родителите.

Амбасадата на Франција пак, ќе создаде мрежа на училишта под брендот “Го сакам францускиот“.

Училиштата од оваа мрежа ќе бидат опремени со интерактивни панели наменети за кабинетите по француски јазик,а воедно амбасадата ќе ги покрие и сите трошоци за педагошка обука во Франција на шест професори од основните и средните училишта, кои ќе бидат одбрани врз основа на досие за кандидатура, изјави Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција.