ТИКА со поддршка за Државниот архив на Северна Македонија

0
275

Во Скопје се одржа церемонија по повод завршувањето на проектот за отворање, уредување, опремување со мебел и техничка опрема на Одделението за османлискиот период при Државниот архив на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).

На церемонијата учествуваа потпретседателот на ТИКА, Махмут Чевик, директорот на Државниот архив, Емил Крстески, како и претставници на ТИКА, претставници на турските организации и институции во земјата, како и други поканети гости.

Потпретседателот на ТИКА, Чевик, во изјава за медиумите истакна дека Османлиската Империја има развиено начин на живот во овој регион речиси 500 години, и дека во османлискиот период се изградени повеќе од 16.000 материјални и духовни културни наследства.

Нагласувајќи дека ја зачувуваат заедничката историја на двете земји, Чевик рече: „Ќе почнеме да фрламе светло на иднината со реновирање, опремување и развој на капацитетите на архивскиот оддел од османлискиот период што е формиран за прв пат.“

Тој истакна дека овие работи ги извршуваат околу 18 години за да ги откријат османлиските архиви, документи, регистри и тефтери од тој период, да ги пренесат на идните генерации, и дека ќе работат активно со формирање на овој оддел.

Чевик нагласи дека овие работи ги реализираат во три фази, и додаде:

„Во првата фаза се реализираат средби со страните, во кои експертите разгледуваат која институција на кој начин ги води работите. Потоа турските експерти доаѓаат во земјата во која се реализира проектот, вршат консултации со надлежните и ги утврдуваат секторите за работа и акционите планови. Потоа започнува работа за снабдување со опрема која е потребна. Потоа продолжуваат работите за броење и добивање снимки. Најважно е тоа дека се преземаат мерки за зачувување на овие архиви и пренесување на идните генерации. Овие снимки се пренесуваат во дигитална платформа. Сметам дека досега се добиени над 150.000 снимки и испитувани се над 30-40 илјади документи во Северна Македонија.“

Директорот на Државниот архив на Северна Македонија, Емил Крстески, рече дека од самото доаѓање како директор на оваа институција ветил дека ќе формираат едно одделение за османлискиот период.

„Тоа еве денеска се реализира со опрема што ја донира турската агенција ТИКА со која имаме одлични односи и добра соработка. Би рекол дека генерално односите со Република Турција се на многу високо пријателско ниво и се надевам дека и понатаму ќе продолжи професионалната соработка, размена на експерти и дигитализирање на документите што се особено од османлискиот период и од поновата историја“, додаде Крстески.

Во овие рамки, инсталирана е опрема за складирање на архивскиот центар за податоци и опрема со екстерни дискови, лаптопи и компјутери, професионална опрема за скенирање документи и микрофилм што се користи во архивските работи и што е единствена во јавните институции на Северна Македонија, како и потребните компјутерски единици, скенери за архивски книги и опрема за печатење.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).