Путин предложи изградба на центар за природен гас во Туркије

Рускиот претседател Владимир Путин денеска му предложи на својот турски колега Реџеп Таип Ердоган да изгради центар за природен гас во Туркије, јавува Агенција Анадолија (АА).

Говорејќи во рамките на регионалниот собир во Казахстан, Путин рече дека изградбата на центар во Туркије ќе овозможи, меѓу другото, регулирање на цените, продажба на гас по пазарни цени, „не високи“ и исклучување на „политизација“ од ова прашање.

На состанокот со Ердоган во Астана, за време на Конференцијата за интеракција и мерки за градење доверба во Азија, тој ја пофали Туркије како „најсигурен партнер“ за испорака на гас во Европа.

Путин, исто така, рече дека изградбата на нуклеарната централа „Акују“ во Мерсин, јужна Туркије, се одвива како што е договорено и дека можеби ќе може да започне со работа следната година, на 100-годишнината од Турската Република.

„Русија продолжува со испораките на гас преку гасоводот „Турски тек“, и покрај обидите да го оштетат“, додаде Путин.

Во врска со Договорот за жито во Истанбул, постигнат летово со посредство на Туркије и ОН – изработен за да се избегне меѓународна криза со храна – тој се пожали дека „како и досега, мал дел од житото според Договорот за жито оди за најсиромашните земји“.

„Земјите што добиваат украинско жито според Договорот од Истанбул треба да му бидат благодарни на Ердоган“, рече Путин.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото:Агенција Анадолија (АА).