Мицкоски за DW: Не ни треба нов рамковен договор, туку нов договор за Македонија

Доцна се сетија на опозицијата – сега не ни треба нов рамковен договор, туку нов договор за Македонија, изјави за Дојче веле лидерот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Неговиот став се однесува на вчерашниот повик на шефот на дипломатијата, Бујар Османи, дека е потребен нов рамковен договор за ЕУ, кој ќе го потпишат сите партии, од која било страна на политичкиот спектар. Османи повика да не се губи време.

„Преговорите ќе ги надминат политичките мандати на една политичка партија. Ви гарантирам дека до 2030 година ќе има неколку влади од различна политичка провениенција. Мора да ја поделиме и одговорноста и заслугите за овој процес. Мора на крај граѓаните и државата да бидат победници од овој процес (…) Мојот апел до сите политички партии е да не доцниме уште еден ден, утре да седнеме и да потпишеме договор дека за ЕУ ќе немаме разлики, туку ќе работиме заедно на крајната цел, а тоа е членство во ЕУ“, повика шефот на дипломатијата.

Според Мицкоски, за ова прашање требало да се разговара многу порано.

„За нов рамковен договор, односно општ консезус, Османи и Владата требаше да ја прашаат опозицијата и ВМРО ДПМНЕ како најголема партија, уште пред да ги испотпишат сите штетни договори со кои се разградува македонскиот супстрат и се ставаат во подредена позиција Македонците. За ВМРО- ДПМНЕ потребата за европските интеграции никогаш не била доведена во прашање, исто како и неопходноста од општ консензус за оваа тема. Таа е дефинирана уште при формирањето на партијата и е непроменета позиција. Но, она што исто така е потреба – не е нов Рамковен договор, туку нов концепт на заедништво, односно нов договор за Македонија“, дециден е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Што значи нов договор за Македонија? Мицкоски потсетува дека говори за концепт на заедништво, промовиран на последниот партиски конгрес, во декември минатата година.

„Токму за таа нова политика, нов концепт на ЗАЕДНИШТВО, наречен Нов договор, говоревме далеку пред потребата на Османи и оваа Влада да дефокусира од дневните проблеми. На конгресот ВМРО-ДПМНЕ ја нагласи потребата од нов општествен консезус на сите рамноправни чинители, околу она што треба да претставува нов заеднички патриотизам“, потсетува Мицкоски.

 

Текстот во целост на: Дојче веле