Нова Македонија: ММФ предвиде дека народот ќе излезе на улица

Анализите на меѓународните финансиски институции почнаа да се остваруваат

Суровата зима, серијата поскапувања и недостигот од енергенти може да доведат до социјални немири во Европа и бран граѓански протести. Секако дека постои страв од рецесија во некои земји или дури и да нема рецесија, оваа зима работите ќе изгледаат како да има рецесија. Тоа беа предвидувањата изречени од генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, во нејзините редовни обраќања во септември годинава. Ваквиот развој на настаните може(ше) да се очекува по длабоката енергетска и економска криза во која се наоѓа светот и пред сѐ земјите од европскиот континент. Но тоа што можеби нѐ „изненади“ во овие предвидувања, во случајот со Македонија, е временскиот рок во кој се соочивме со неизвесноста на социјален и економски план. Имено, бранот на протести, на кој предупреди ММФ, како да дојде во Македонија предвреме, уште пред почетокот на зимата. Имено, деновиве вработените од неколку јавни и државни претпријатија одржаа предупредувачки протести за штрајк доколку не им биде исплатена септемвриската плата. Тоа веќе го сторија и вработените од „Македонска пошта“ и „Водостопанство на Македонија“, а вчера имаше проблеми и во одржувањето на јавниот градски сообраќај во Скопје, по најавите дека возачите од јавното претпријатие нема да ги извршуваат своите обврски, објави novamakedonija.com.mk. 

Кризата ја почувствуваа сите субјекти од јавниот и приватниот сектор, а најмногу граѓаните, кои се соочени со високите цени и нередовната исплата на платите. Реакциите се различни, по правило вработените во јавниот сектор први реагираат на нередовната исплата на плати, додека стопанските субјекти од приватниот сектор се обидуваат да се приспособуваат на кризата на различни начини, преку рационализација на тековните активности или, во најлош случај, со затворање на погоните. Клучниот проблем е недостигот од тековни финансиски средства, за да се одржува континуитет на економските активности, а во овој случај и на добивање квалитетна услуга од јавните претпријатија.
Во целиот изминат период од осамостојувањето на Македонија, како што велат нашите соговорници. граѓаните се соочуваат со добивање ненавремена и квалитетна услуга од јавните претпријатија, кои се целосно неподготвени да дејствуваат во услови на економска криза.

– Тоа што ни се случува сега е одраз на целосната недоверба на граѓаните во институциите што треба навремено да ни испорачаат топлинска енергија или квалитетен јавен превоз. Се покажа дека најнеподготвени се јавните и државните претпријатија, кои се оставени да бидат раководени од лица што се поставени поради партиски заслуги, а не според професионалните компетенции. Сите досегашни партии на власт не успеаја да направат вистински реформи во јавните институции и резултатот на тоа го гледаме денес – ни изјави нашиот соговорник економски аналитичар и финансиски консултант.

Текстот во целост на: novamakedonija.com.mk.