Aнкета на ИПИС: ВМРО-ДПМНЕ со убедлива предност пред СДСМ, мнозинството граѓани кажаа НЕ на „францускиот предлог“

ВМРО-ДПМНЕ има убедлива предност пред СДСМ, покажува телефонската анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје. На прашањето „За која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори“ – 22,1 отсто од граѓаните рекле ВМРО-ДПМНЕ. Втора e СДСМ со 15,7 проценти.

Дури 72,80 проценти од етничките Македонци и 56 отсто од вкупниот број на испитаници, НЕ би прифатиле почеток на преговори со ЕУ, по цена Македонија да се согласи со „францускиот предлог“.

 

Институтот за Политички Истражувања од Скопје (ИПИС) спроведе кратко телефонско истражување во периодот помеѓу 4 и 6 јули 2022 на 1114 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија. Во истражувањето граѓаните ги изразуваа своите ставови за нивната поддршка за политичките партии, како и за одредени актуелни прашања во моментот.

Заради запазување на релевантноста и непристрасноста на истражувањето, беше креиран непристрасен и објективен прашалник врз база на кој подоцна беше спроведена анкетата.

Истражувањето беше реализирано со користење на случаен примерок кој беше стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението во Република Македонија. Во него беа запазени демографските специфики на населението како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и изборната единица, со тоа што Скопје беше земено како посебна целина заради своите посебности.

Истражувањето е спроведено за потребите на ИПИС со цел да се анализираат рејтинзите на партиите иактуелните настани. Анкетата е финансирана од сопствени средства на ИПИС.

извор: Република