Иако сум веќе четири децении замината од Македонија, особено кога сум восхитена од некоја работа во моето германско секојдневие, веднаш се прашувам дали тоа нешто е возможно и во Македонија. Така беше и за време на кусиот престој во Холандија минатата недела, за време на есенскиот распуст.
Во холандскиот пејзаж секогаш имам чувство дека сум се нашла во платната на големите фламански сликари, кои многу ги сакам. Бескрајна низина, со полиња испрекинати од канали, реки и езера. Зеленило, вода и небо кои, сепак, не будат меланхолија како платната на старите мајстори, зашто куќите во тој зелен бескрај зрачат топлина, благост и живост. Можеби затоа што имаат големи, ниски прозорци (без завеси) низ кои може да се види голем дел од внатрешноста. Тогаш помислувам на сликите на Вермер кои се полни со тој неочекуван поглед во приватноста. Таа, пак, не го соблазнува набљудувачот, туку, напротив, го прегрнува и внесува за миг во својот свет како да е долго очекуван гостин. Животот во холандските куќи не се крие пред светот, туку се отвора за него низ мноштвото прозорци со сиот свој раскош.
Во ноќта блескаат силно тие прозорци, откривајќи семејство седнато на вечера или, особено во зимата, крај огнот во стар камин. Куќите во помалите градови и села делуваат ниски само затоа што горните катови се скриени во високите покриви, од кои прозорците се џагорат небаре се големи, зачудени очи. Тоа уште посилно остава впечаток на домот како живост, топлина и заштита. Особено на крајбрежјето, куќите и ден-денес се покриваат со трска. И во тоа веднаш препознавате фрагменти од сликите на Вермер и за миг таа земја ви се причинува како чудесен сон што не прекинува да се сонува со векови. Се прашав во еден миг, дали туристите во Македонија се чувствуваат како да се во платната на Личеноски? На пример, во оние со полињата со афион? Одамна во Македонија не сум видела расцутени полиња. Последен пат видов поле со афион како дете, во основното училиште, на излетот во Овчеполе.
Нема запуштени ниви и напуштени села
А Холандија е навистина како некоја огромна градина не само затоа што насекаде во пролет и лето гледате бескрајни полиња засадени со лалиња, божур или перуники. Таа наликува на огромна градина, пред се‘, затоа што нема ниту запуштени ниви или напуштени села со распаднати куќи, како во многу предели во Македонија. Во Холандија нема некултивирана природа, зашто се чини дека е се‘ посеано и одгледувано за да расте и цути во различни периоди. Чувствувате по изгледот на земјата дека тоа не се случува само од себе, туку дека зад тој спокој, ред и убавина стои труд и грижа, работа и желба на Холанѓаните да ги искористат сите потенцијали на почвата и природата. Гледајќи ја таа убавина, но и работата и посветеноста со која е постигната, си помислив дека тоа е најубавиот начин да се сака својата земја. Да се сака не со збор, туку со дело! Не со патриотска патетика, туку со работа и план, со желба и визија. Ќе добијат ли туристите впечаток дека и во Македонија е обработена и одгледувана со љубов, грижа и труд секоја педа од почвата? Се добива ли од изгледот на полињата, на шумите, на реките и езерата во Македонија впечаток дека македонските граѓани си ја сакаат земјата и затоа грижливо ја обработуваат, ја чистат и негуваат? А ако навистина Македонците си ја сакаат својата земја, тогаш како можат да ги фрлаат во Вардар расипаните шпорети и телевизори?
Зарем скопските деца не би биле радосни кога еден ден во полињата крај Вардар би здогледале стада овци кои, чувани од овчар, спокојно пасат, а со тоа природно ја „косат“ тревата во пролет и лето? Можете ли да си замислите овци и кози да пасат во некој тревник во Градскиот парк во Скопје? А во Холандија крај автопатите пасат овци, кози, крави и коњи. Тие животни денес и во многу германски градови се вклучени во еден современ еколошки концепт за одржување на природната околина. Се‘ почесто и во Келн тревниците во градските паркови не се одржуваат со машини за косење, туку со помош на стада овци. Така и овците се сити и тревата е искосена на природен начин! Одделот за паркови, зеленило и екологија во Келн од пред некоја година има програма со која се финансираат овчари кои своите овци ги оставаат да пасат во зелените градски површини. Веќе има овчари кои одат со своите стада од град-во-град. Современата еколошка свест сведочи дека за да се сочува природната рамнотежа треба да се комбинира одгледувањето на овци или кози со природното одржување на зелените површини. Животните помагаат да се воспостави рамнотежата во еколошкиот систем, зашто, за разлика од машините за косење, животните пасејќи не ги загрозуваат другите животни кои живеат во зеленилото. Зарем тоа не би било можно и во Македонија?
Однос кон традицијата
Во Холандија традицијата е вградена во модерен еколошки концепт. На пример, уште може да се видат на хоризонтот старите ветерни мелници. Тие не се само сочувано културно наследство, туку тие денес имаат и функција на одводни пумпи, затоа што Холандија има премногу вода. Ви станува јасно дека на тие луѓе им значи нивното минато само затоа што имаат самосвест за вредноста на тоа што им го оставиле предците како културно наследство. Затоа често може да се видат нови фамилијарни куќи кои имаат јасни елементи на старите холандски куќи. Таква беше и куќата која ја бевме изнајмиле во туристичката населба. Секој детал беше препознатлив како типичен белег на холандската архитектура, од формата и бојата на кепенците, до формата на прозорците. Преку каналите и езерцата минуваа тесни мали мостови кои ме потсетија на неколку слики на Ван Гог. Може ли туристите во Македонија да видат таква верност кон културното наследство во градбата и во изгледот на новите вили и куќи во Охрид?
Има ли таков работен морал и таква љубов за Македонија која се препознава во изгледот на земјата? Во односот на Македонците кон шумите и полињата, кон одгледувањето на земјоделските култури кои со векови се типични за Македонија? Како што ја имаше запаметено Македонија како земјоделска земја сопственикот на стар дуќан во центарот на Келн, близу до катедралата, кој ми раскажа дека најквалитетниот тутун и памук до Првата светска војна потекнувале токму од Македонија. Има ли Македонија таков однос кон традицијата кој веднаш се препознава во убаво сочуваните стари куќи, манастири и цркви во Македонија? Додека во Холандија секоја ветерна мелница се одржува како споменик на културата, во Македонија, за жал, пропаѓаат прекрасните средновековни цркви. Понекогаш, кога ќе ме обземе тага заради непостоењето вистинска еколошка свест во Македонија, се прашувам дали странците кои доаѓаат на посета во Македонија си одат со сознанието дека Македонците си ја сакаат земјата и грижливо го чуваат нејзиното богатство од реки и езера, планини и полиња? Или е поверојатно да помислат дека Македонците се мрзлив народ? А што друго да помислат, штом реките се полни ѓубре, езерата се загадени, шумите се депонии, старите цркви се распаѓаат?
Тогаш, за утеха, почнувам да ги бројам сите скапоцени културни споменици што ни ги оставиле предците. Но, потоа, од очај, се прашувам што се случило со нас, потомците на тие врвни мајстори кои ги граделе чудесните куќи во Охрид, во Крушево, во Галичник? Кој ги градел прочуените византиски цркви како Света Софија во Охрид? Кој ја создавал таа убавина во Македонија која ние, современите Македонци, денес ја оставаме да пропадне?
Дојче Веле