DW: Германија – Двојно државјанство сѐ поверојатно, но задоцнето

Долго време двојниот пасош во Германија беше возможен само во исклучителни случаи. Тоа сега треба да се промени. За засегнатите тоа е добредојдена, но многу задоцнета реформа, објави DW.

Партиите од владејачката коалиција во Германија постигнаа начелен договор за реформа на законот за стекнување државјанство, со која меѓу другото, би требала да се укине и забраната за поседување двојно државјанство. За Марк Јанг, ваквите најави на владата во Берлин доцнат десет години. „Тогаш ќе бев најверниот Германец што може да се замисли“, изјави тој за ДВ. „Но, не сакав да се откажам од моето американско државјанство. Да го задржите вашето старо државјанство не значи поделена лојалност, како што тврдат многу германски конзервативци. Тоа само покажува кои сте навистина. Промената е многу задоцнета“.

Јанг живее во Германија веќе 20 години. Политичката дебата за повеќекратното државјанство, која повторно се разгоре со минатогодишната најава на канцеларот Олаф Шолц, само го заморува.

Планираните промени се дел од големата реформа на законот за германско државјанство, чија цел е да привлече квалификувани работници и стручњаци, од кои има голем недостаток на пазарот на труд.

Што конкретно треба да се промени

Постојат три главни области:

Секој што живее легално во Германија во иднина би требало да може да аплицира за германски пасош по пет години наместо осум години, како што е случај денес. „Во случај на посебни достигнувања за интеграција“ како што се исклучително познавање на германски јазик или особено добри перформанси во училиште или на работното место, периодот може дури и да се намали на три години.
Децата родени во Германија од странски родители треба автоматски да станат Германци доколку едниот родител веќе пет години има „сопствен законски вообичаен престој“ во Германија .
Ако сакате да станете Германец, веќе не треба да се откажувате од старото државјанство.
ЦДУ зборува за „евтина распродажба“

Опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), која досега блокираше секаква либерализација во оваа област, веднаш ги нападна плановите со критики и зборуваше за „евтина распродажба“ на германското државјанство. Тоа е „нешто многу вредно и треба да внимателно да се постапува со него“, изјави лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц.

Луѓето на кои веќе им е одобрено двојно државјанство се државјани на држави кои не им дозволуваат да се откажат од своето државјанство, како што се Иран, Авганистан и Мароко. Покрај тоа, тука се и децата на родители со германско и со друго државјанство, бегалците на кои им се заканува прогон во нивната матична земја, како и Израелците.

Со реформата, Германија практично ќе се изедначи со другите европски земји во однос на законите за државјанство. Во рамките на ЕУ во 2020 година, Шведска имаше најголем процент на натурализирани странци со 8,6 отсто, а Германија имаше само 1,1 отсто. „Законот за германско државјанство се заснова на принципот на спречување на повеќекратно државјанство“, вели за ДВ адвокатката за имиграција Грета Агустини. „Другите европски земји, како Италија, Шведска, Ирска или Франција, дозволуваат двојно државјанство и за тоа имаат помалку бирократски правила“.

Многу од клиентите на Агустини досега имале потешкотии кога се обидувале да добијат германски пасош. „Тие не сакаат да се откажат од старото државјанство, но сакаат и германско државјанство“, вели адвокатката.

Според Сојузниот завод за статистика, во моментов во Германија живеат околу 2,9 милиони луѓе со повеќе од една националност. Тоа е околу 3,5 отсто од населението.

Почит и признание за генерацијата гастарбајтери

Групата која ги чувствува ефектите од законот за германско државјанство повеќе од другите е онаа на луѓето со турско потекло. Многумина од нив дојдоа во Германија кога земјата имаше итна потреба од работници. За време на економскиот бум во 1960-тите, Германија склучи договори со неколку земји и ангажираше таканаречени гастарбајтери (гостински работници), кои главно беа ангажирани како едноставни индустриски работници.

Далеку најголем дел од нив дојдоа од Турција. Денес во Германија живеат околу три милиони луѓе со турско потекло. Речиси 1,5 милиони од нив го имаат задржано своето турско државјанство.

Текстот во целост на: DW