Германците ќе можат да го сменат своето име или родот со едноставна апликација во нивната општина. Притоа, нема да мораат да даваат причина за тоа или да приложат медицинска документација. Доколку станува збор за деца под 14 години, апликацијата ќе можат да ја поднесат нивните родители. Малолетниците над 14 години ќе можат тоа да го сторат и сами, но само со согласност од родителите.
Законот исто така предвидува дека секој кој ќе „открие“ трансродово лице без негова дозвола, ќе се соочи со казна.
За промената на родот да стапи во сила ќе бидат потребни три месеци, и нема да има можност за нова промена во следната година.
Ова се законските измени што ги предлага владата во Берлин, а треба да бидат одобрени од долниот дом на парламентот- Бундестагот. Со измените, се заменува стариот Закон за транссексуалци донесен во 1980 година и со кој, секој кој сакаше да го смени полот мораше да достави два извештаи од психијатар, а конечната одлука му беше оставена на судот.
Министерката за семејство Лиза Паул рече дека изменетиот закон ќе го заштити „правото на секое лице да биде признаено со неговиот родов идентитет и да биде третиран со почит“.
Критики за измените
Законските измени кои беа откриени во март, донесоа и бројни критики. Политичарите од опозициската конзервативна ЦДУ-ЦСУ ја обвинија владата дека „оди предалеку во нивниот радикален и сеопфатен пристап“. Од сестринската коалиција велат дека секој кој сака да си го промени полот најпрво мора да консултира експерти, а процесот мора да биде возможен само за полнолетни лица.
Некои организации за правата на жените стравуваат дека законот ќе им овозможи на мажи-предатори да го злоупотребат законот и да навлезат во простори резервирани само за жени и девојки.
Во интервју за магазинот Шпигел, германската феминистка Алис Шварцер рече дека законот ќе ги охрабри младите луѓе да си го менуваат родот едноставно затоа што тоа „е во мода“.
Трансродовите активисти, пак, се жалат дека законот не ги заштитува доволно од дискриминација. Тие се загрижени за член од законот кој им дава за право на сауните и базените самите да одредат нечиј род, без оглед што им пишува во личните документи. Од трансродовата заедница се надеваат дека нивните забелешки ќе бидат адресирани преку амандмани на законот кога тоа ќе дојде на расправа во парламентот.
DW