Властите во РСМ ги прават последните подготвки пред денешното заминување за Брисел, каде утре (19-ти јули) по 17 и пол години години кандидатски статус, со одржување на првата меѓувладина конференција земјата ќе започне преговори со ЕУ. Унијата веднаш ќе започне со скрининг врз македонските институции, а одржувањето на втората меѓувладина конференција со која ќе се комплетира фазата на отворање на преговорите, е условено со измени во македонскиот Устав, објави dw.com.
До ваква фазна постапка се стигна преку прифаќањето на францускиот предлог и вчера потпишаниот билатерален протокол, кој за Софија е клучна гаранција дека Скопје се обврзало да ги решава „спорните прашања“ односно да ги исполни обвските од Договорот за пријателство добрососедство и соработка од 2017 година.
Прифаќањето на условите за паѓање на бугарското вето, кое владејачките СДСМ и ДУИ го прогласија за историски чин, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го смета за предавство и капитулација. Партискиот лидер Христијан Мицкоски вчера најави дека планира пред Извршниот комитет да предложи да се разгледа можноста за референдумско изјаснување на граѓаните, со собирање на 150.000 потписи.
„Бугарија го крева ветото, но добива само Албанија. Во Скопје прво треба да го сменат Уставот“, пишува „24 часа“.
Весникот потсетува дека РСМ ќе започне реални преговори за членство во ЕУ дури откако ќе ги впише Бугарите во Уставот – процес кој може да трае меѓу 3 месеци и 2 години, како што било нужно и при промената на името на државата заради барањата на Грција. Со оглед дека рокот за уставни промени почнува да тече од утре (19-ти јули), весникот потенцира кој е вистинскиот добитник од деблокадата на процесот.
„Тирана засега е единствената што вистински добива од кревање на ветото. Албанија две години чекаше на почеток на нејзини преговори за присоединување со ЕУ, заради бугарското вето за Скопје“, пишува „24 часа“.
Текстот во целост на: dw.com