Шест дена по приватната посета на премиерот на Косово, Албин Курти на Тетово, каде тој и градоначалникот Билал Касами разговараа за патот Тетово-Призрен, вчера истата тема била на маса и во седиштето на ДУИ во Мала Речица. Косовскиот министер за животна средина, просторно планирање и инфраструктура, Либурн Алиу, на барање на премиерот Албин Курти остварил средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Алиу во Мала Речица не пристигнал сам, туку со членови на неговиот кабинет и со заменик-министерот Хисен Дурмиши, и на Фејсбук објави фотографија од средбата со Ахмети, објави dw.com.
„Имавме одличен разговор за важноста на соработката, повторното зајакнување на историските и културните врски и меѓусебната соработка за проекти за добробит на сите Албанци. Меѓу другото, разговаравме и за многу важниот проект за патна инфраструктура што ќе го поврзе Призрен со Тетово, како и за следните чекори за финализирање на финансискиот договор. Заедно ветивме дека ќе го реализираме овој заеднички проект што е можно поскоро. Заедно сме за патот кој нѐ зближува!“, напиша Алиу.
Институциите како декор
Зошто за овој инфраструктурен проект не се разговара во ресорното министерство за транспорт и врски, туку во партиското седиште на ДУИ? Во 2021 година премиерите Зоран Заев и Албин Курти потпишаа „Меморандум за разбирање“ за изградба на оваа делница, и оттука очекувано е разговорите за сите прашања за неа да продолжат меѓу претставници на двете влади. Но, косовскиот премиер минатата недела не дојде во официјална посета на Владата за разговор на таа тема, туку во приватна посета на Тетово и на разговор со тамошниот градоначалник. Откако таа посета од домаќините во Тетово и Чаир беше протолкувана како поддршка од Курти за здружената опозиција, вчера како да беше направен одреден баланс: Курти го испратил косовскиот министер за инфраструктура на средба со лидерот на владејачката ДУИ, во партиското седиште во Мала Речица!
На таа линија е и забелешката на градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
„Ако посетата на премиерот на Косово беше погрешна во Тетово, тогаш не знам зошто требаше Али Ахмети да го повика министерот за транспорт на Косово за да разговараат за реализација на истиот проект“, реторички праша Касами.
Бидејќи Курти минатата недела не оствари никаква средба со претставници на владејачката ДУИ, во опозициските партии на Албанците доминира впечатокот дека во Мала Речица сега сакаат да ја употребат посетата на министерот за да си припишат заслуги за раздвижување на иницијативата за патот Тетово-Призрен, и да покажат дека без нив ништо не се може.
Но, првиот вицепремиер Артан Груби, кој исто така се сретнал со косовскиот министер, изјави дека некои други се обиделе да ја злоупотребат посетата на Курти.
„Граѓаните ценат работи, проекти и реализација, а не фолклоризам и проѕирен патриотизам кој беше промовиран од тие кои го поканија Курти и се обидоа да го злоупотребат за нивна политичко-партиска дневна агенда, за да придобијат некој поен, но очигледно дека не придобија“, изјави Груби.
Тој порача дека треба да се почитуваат државните институции, законските обврски, знамето и химната.
„Патот Тетово – Призрен не може да го прави Општина Тетово, туку нашата влада со владата на Косово. Секако дека треба да ги почитуваме институциите во нашата земја, треба да ги почитуваме знамето и химната и сите законски обврски што ги имаме во било која од организациите“, рече Груби.