Меѓународниот ден на трудот – Први мај, работниците во Северна Македонија го дочекуваат во пораст на опасноста од кршење и губење на веќе освоени права, пред сѐ во однос на траењето на работниот ден и недела. И не само тоа. И незадоволството од покачувањето на платите на функционерите за 78 отсто, односно енормното зголемување на јазот меѓу платите, денеска ќе ги обои улиците на главниот градсо синдикални прогласи, протести и знамиња, објави DW.
Каков е портретот на македонскиот работник денес?
„Тешко е да се каже, но генерално може да се опише како исцеден, потценет и натеран да се исели од државата“, вели Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (Синдикат на УПОЗ) кој е член на Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ).
„Ако зборуваме за работникот од приватниот сектор, тој со својот труд и пот некому му создал милиони, а од тоа не добил ништо, премалку е платен и не е ценет. Ако зборуваме за работникот од јавниот сектор, оние што нѐ лечат, нѐ бранат, пишуваат закони, се плукани и навредувани, живеат со потпросечна плата, и каде и да е, и тие ќе ја напуштат државата“, предупредува претседателот на Синдикатот на УПОЗ.
Тој ги посочува податоците, според кои, во моментов 70% од вработените во јавниот сектор примаат плата која е под или блиску до минималната, а повеќе од 80% примаат плата која е под просечната.
„Она што го нуди Владата со општиот колективен договор не е прифатливо за нас, бидејќи зголемување на платата ние би виделе за пет години, а и таа повторно ќе биде под просекот на државата“, објаснува Деаноски.
Текстот во целост на: DW.