Северна Македонија останува високо на листата на најзагадени градови во Европа и во светот. Последниот извештај којшто го објави швајцарската компанија IQAir за периодот од 2018 до 2024 година ја рангираше земјата на 35 место од 138 земји, со просечна концентрација на ПМ2,5 честички од 23,3 микрограми на метар кубен. Ситуацијата е за нијанса подобра од минатата година, кога просечната концентрација на штетни честички била 25.2, додека најлоши резултати се забележани во 2018 година кога концентрацијата била дури 35.5 микрограми на метар кубен.
Позагаден воздух од македонските граѓани во регионот дишат само жителите на Босна и Херцеговина, којашто се најде на 29 место на листата на најзагадени земји во светот, со 25,3 микрограми на метар кубен. Подолу на листата се Србија на 44 место, Црна Гора (50), Словенија (68), Албанија (78), Хрватска (81) и Косово на 85. место. Најчист воздух во Европа дишат жителите на Исланд, а по нив следуваат Естонија, Финска и Шведска.
Неколку македонски градови рушат рекорди по загаденост
Скопје во моментот е на 39-то место на најзагадени градови во светот, а на табелата каде се вршат споредби на состојбата од 2017 до 2024 година, на листата на најзагадени градови на Европа се најдоа Тетово на деветото место, по што следат Кичево, Струмица, Гостивар, Битола и Кавадарци. На врвот на листата на загадени градови во регионот се најдоа Нови Пазар во Србија и Бијело Поље во Црна Гора.
Само седум земји во светот (Австралија, Бахамите, Барбадос, Естонија, Гренада, Исланд и Нов Зеланд) ги исполнуваат упатствата на Светската здравствена организација за загадениот воздух, покажува годишното истражување на IQAir врз основа на токсичните PM2.5 честички.
Загадувањето голем проблем во цел свет
Анализата на компанијата се базира на податоци собрани од 40.000 станици за следење на квалитетот на воздухот во 138 земји. Речиси секоја земја во светот има понечист воздух отколку што препорачуваат лекарите. Индиските градови се меѓу најтешко погодените. Според извештајот, Индија има 13 од топ 20 загадени градови низ светот.
Австралија, Нов Зеланд и Естонија се меѓу неколкуте земји со годишен просек од не повеќе од 5 микрограми PM2,5 на кубен метар, заедно со Исланд и некои мали островски држави. Најзагадени земји во 2024 година биле Чад, Бангладеш, Пакистан, Демократска Република Конго и Индија.
Нивоата на PM2,5 во сите пет земји биле најмалку 10 пати повисоки од ограничувањата на упатствата во 2024 година, покажува извештајот, посочувајќи дека дури 18 пати биле повисоки од препорачаните нивоа во Чад.
Лекарите посочуваат дека не постојат безбедни нивоа на PM2,5, бидејќи е потребно многу малку за да навлезе во крвотокот и да ги оштети органите низ телото, но проценуваат дека милиони животи може да се спасат секоја година ако се следат здравствените препораки. Загадениот воздух е вториот најголем ризичен фактор за смртност, по високиот крвен притисок.
DW