Taткото на убиената Вања: Немам поврзаност со овие луѓе за кои приметив дека не се каат

Немам апсолутно никаква инволвираност со овие луѓе кои приметив дека не чувствуваат ниту вина ниту покајание, туку демонстираа гнев и разочарување од т.н. „цар“ алудирајќи на Љупчо Палевски Палчо – сведочеше таткото Александар Ѓорчевски пред судот. Секое рочиште слушам кој имал задача да ја грабне, кој да ја врзува, слушам како ја ставале во вреќи  и трескале по гепеци, како психички и вршеле тортури и на крај се обидувале да ги замачкаа доказите како за Вања така и за првото убиство за велешанецот Панче, рече Ѓорчевски во судница, кој обвинителството го товари дека давал информации кога неговата ќерка ќе излезе од дома за да биде киднапирана, објави АЛФА.

„Ниту ги познавам, ниту додека траат рочиштата можам да ги гледам, додека траат рочиштата претежно мижам. Затворени ми се очите, не можам да ги гледам. Во минатото, не се сеќавам од која временска дистанца, се крена врева поколу објектот „Тифани“ во чија непосредна близина живеам јас и тогаш за прв пат слушнав за Палевски, меѓутоа не како Палевски туку меѓу нас комшиите го нарекувавме Упа. Го немам видено на ТВ ниту запознаено“, рече Александар Ѓорчевски.

Според него полицијата целосно погрешно ја водела истрагата и ги уредувала родителите дека не си го знаат детето. Прво ги убедувале дека Вања избегаала во Тетово, потоа во Шведска. За презентираните снимки на обвинителството како со автомобилот утрото на киднапирањето оди прво кон Визбегово, па кон Сарај рече дека ја барал Вања по граничните премини. Призна дека пратил порака во вибер групата на родителите, како и на телефонот на Вања.

„Имам пратено и избришано порака, во судот тоа го кажа инспекторот Дејан, затоа што беше навредлива за полицијата. Во смисол дека тапкаат во место, дека се пасивни и инсистираат на тоа дека Вања сама побегнала. Тоа беше одговор на директно прашање на мајка на другарка на Вања… Се што ми текна секаде се јавив, барав помош од Американската амбасада, од Интерпол, од КФОР, од пријатели во МНР, членови од семејството пријавуваа во Грција. Така да, во еден момент ни текна, дека можеби тие што ја киднапирале Вања во еден момент ќе го вклучат телефонот ако бил исклучен да не исконтактираат и прво што ќе видат, како поп-ап, ќе им излезе мојата порака која ја составив и ја пратив на мобилниот телефон на Вања.. Ја составив пораката, отприлика гласаше „дека се што ќе побараат се ќе направиме“. Ја пратив. Па ја дополнив со уште една порака „од родителите“. И таа порака ја пратив“, кажа Александар Ѓорчевски.

Ѓорчевски рече дела инспекторот Музафер Каришиќ лажел кога пред судот сведочеше дека таткото воопшто не го барал девојчето и не бил заинтересиран во пребарувањето на Вања.

„Јас лично не очекувам дека јавниот обвинител, односно застапникот на обвинението туку така едноставно ќе се предаде, јасно му е на јавното обвинителство дека аргументи и докази против Александар нема, она на што тие одат дека се аргументи и докази не може да бидат докази и аргументи, во кривична постапка реален доказ против Александар не е изведен, така да оставам на совеста на јавното обвинителство понатаму како ќе одлучи“, изјави Владимир Туфекџиќ, адвокатот на Ѓорчевски.

Ѓорчевски сведочеше дека бил нарко зависник од 1993 до 1995 година но се излечил и немал никакви долгови.

Судењето продолжува во петок, кога на Ѓорчевски прашања ќе му поставува обвинителството и одбраната.