Корупциски скандал во моментов ја тресе Европската унија. Грчката политичарка Ева Каили, до вчера потпретседателка на Европскиот парламент, заедно со уште три лица се најде среде корупциски скандал во случај поврзан со Катар. Сомнежите на истражителите се однесуваат на големи суми пари кои наводно ги платила земјата домаќин на Светското првенство во 2022 година за да влијае на европската политика, објави TRT Balkan.
За повеќето европски граѓани, фактот дека случајот за корупција се појавува внатре во европските институции не треба да биде големо изненадување. Минатата пролет, според Статиста, просечно 68 отсто од испитаниците во истражување ширум ЕУ изјавија дека корупцијата е широко распространета во нивната земја.
На врвот на листата е Грција, земјата од каде доаѓа Каили, каде 98 отсто од граѓаните сметаат дека корупцијата царува во земјата. Унгарија е втора на листата со 91 отсто од испитаниците кои мислат дека има широко распространета корупција во нивната земја.
Шпанија и Италија го делат третото место со 89 отсто од испитаниците кои сметаат дека има широко распространета корупција во земјата.
Франција е петта на листата со 69 отсто од испитаниците кои потврдно одговориле на прашањето дали сметаат дека има широко распространета корупција во земјата. Истражувањето на Евробарометар е спроведено во март/април годинава на 26.509 испитаници ширум ЕУ.
Само за илустрација, во Данска 16 отсто од испитаниците одговориле дека во земјата има распространета корупција со што оваа земја се најде на самото дно на оваа „неславна“ листа. Заедно со Финска, Данска е единствената земја-членка на ЕУ каде што помалку од еден од пет граѓани веруваат дека корупцијата сè уште преовладува на национално ниво.
Текстот во целост на: TRT Balkan