Долниот дом на австралискиот парламент со големо мнозинство го поддржа законот со кој на децата до 16 години им се забранува користење на социјалните мрежи.
Предлог-законот што денеска (27 ноември) го усвои Претставничкиот дом ги таргетира платформите на социјалните медиуми како ТикТок, Фејсбук, Инстаграм и Икс и предвидува казни до 50 милиони австралиски долари доколку не ја почитуваат забраната.
Откако беше усвоен со 103 гласа „за“ и 13 „против“, законот сега оди во Сенатот, каде исто така се очекува да помине со поддршка од најголемите партии во Австралија.
Опозицискиот пратеник Ден Техан рече дека владата се согласила со амандманите поднесени во Сенатот со кои ќе се зајакне заштитата на приватноста на корисниците на социјалните мрежи, вклучително и забрана за платформи кои ги принудуваат корисниците да се идентификуваат со личен документ од владата.
slobodnaevropa.mk