Американските пратеници ветија дека ќе ја „бранат“ агенцијата УСАИД

Демократските претставници на Конгресот го оспорија очигледниот обид на администрацијата на Трамп да ја спои Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) со Стејт департментот, што го доведува во прашање финансирањето на програмите за помош ширум светот, вклучително и милијарди долари развојна помош за Украина.

Пратениците се собраа пред главната канцеларија на УСАИД во центарот на Вашингтон на 3 февруари за да го критикуваат, како што го нарекоа овој „незаконски маневар“ на извршниот директор на Тесла и SpaceX, Илон Маск, кој е задолжен од претседателот Доналд Трамп да ја намали администрацијата.

Демократските пратеници одржаа митинг во знак на протест по извештаите дека на вработените во агенцијата им било кажано да не доаѓаат на работа на 3 февруари, а потоа им бил оневозможен пристап до официјалните е-пошта и други сметки.

Пратениците кои зборуваа пред седиштето на агенцијата во Вашингтон, ја бранеа работата на УСАИД и рекоа дека акциите се мешаат во ингеренциите на Конгресот.

„Ние немаме четврта влада наречена Илон Маск. И тоа ќе стане многу јасно“, рече претставникот Џејми Раскин (демократ од Мериленд). Тој додаде дека не ги знае мотивите на Маск, „но тие немаат никаква врска со она што беше законски донесено од народот на Соединетите Држави преку Конгресот на Соединетите Држави. Ќе ја браниме УСАИД до крај“.

Сенаторот Крис Марфи (демократ од Конектикат) рече дека потегот создаде уставна криза и вети дека ќе се бори против неа.

„Народот одлучува како ќе се трошат нивните даночни пари. Илон Маск не одлучува“, рече тој, исто така говорејќи пред зградата на УСАИД. Марфи го нарече овој потег обид „да се предаде оваа влада на неколку неизбрани милијардери и корпоративни интереси, и ние нема да им дозволиме да го сторат тоа“.

 

 

 

slobodnaevropa.mk