Градоначалничката Арсовска распиша оглас за нови приватни превозници откако со новото координативно тело за преговори на 1-ви март успеа да ги надмине разликите, а им ветила и дека ќе ги субвенционира за да си го обноват возниот парк. Огласот се однесува на истите линии за кои Арсовска тврдеше дека ЈСП Скопје има капацитет да ги опслужува.
Огласот кој денеска е објавен се однесува на 16 линии со број 9, 11, 11А, 12, 19, 20, 22, 23, 45, 47А, 52, 54, 55, 61, 63 и 73.
На новиот оглас нема да имаат право да се пријават „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ како компании, поради пречките кои произлегуваат од претходниот, сега веќе раскинат договор кој предвидуваше забрана за учество на јавен повик доколку договорот се раскине пред истекот на истиот и по нивна вина. Сега превозниците ќе треба да се пријават преку нови фирми.
Пријавувањето на новиот оглас треба да заврши до 21 март, а на 27ми ќе се одлучува кои превозници ќе вршат превоз на овие линии. Арсовска минатата недела им вети на превозниците дека долгот од ЈСП „Скопје“ ќе им биде исплатен согласно постоечките договори, иако претходно тврдеше дека таков долг не постои. Сепак инспекцискиот надзор тогаш покажа дека Град Скопје не е во право.