Безбедноста на Германија не е приоритет за Трамп

Непредвидливоста на Доналд Трамп ги загрижува германските политичари. Дали повторно остро ќе ја критикува Германија, како во првиот мандат? Дали ќе се побуни против НАТО, особено неговите европски партнери, или дури и ќе се закануваат со напуштање на алијансата?

Сето ова е тешко да се процени и сето тоа предизвикува одредена доза на нелагодност во Берлин. Кога сојузната министерка за надворешни работи Аналена Бeрбок му понуди на Трамп „партнерство и пријателство“ по неговата изборна победа, тоа беше и израз на желба за сигурност во тешки времиња.

НАТО ѝ е неопходен на Германија
Малку кој се сомнева дека германско-американските односи почиваат на цврсти темели – и од оваа и од другата страна на Атлантикот. Демократскиот претседател Џо Бајден секогаш нагласувал дека САД ќе ја бранат „секоја педа од територијата на НАТО“ во случај на напад.

Тоа беше смирувачка гаранција за европските членки на НАТО. Во случај на конфликт, Германија, со само 180.000 војници и несоодветно опремен Бундесвер, би била суштински зависна од заштитата на воениот сојуз.

Сепак, под Републиканецот Доналд Трамп, ќе почнат да дуваат различни ветришта отколку во времето на убедениот трансатлантичар Бајден. Не само што Европа игра само споредна улога во геополитичкото разбирање на светот на Трамп, далеку зад Кина и Индо-Пацификот, туку Трамп, исто така, ја гледа одбраната на Европа првенствено како европска задача, а не како американска.

Европа мора да вложува повеќе во сопствената безбедност
Во моментов, САД го плаќаат лавовскиот дел во НАТО, обезбедувајќи најголем дел од војниците и клучните способности во извидувањето и логистиката. Трамп, кој често го опишуваше членството во алијансата како прескапо за САД, може во голема мера да го намали тој ангажман.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус итно реагираше: „Ние Европејците мора да направиме повеќе за сопствената безбедност“. Мора да дојдеме до правична распределба на товарот“, изјави тој по изборната победа на Трамп – и ги покани колегите од Франција, Полска, Велика Британија и Италија на состанок на кој ќе се разговара за одбранбената способност на Европа.

Подобрувањето на одбранбената способност на Европа по изборот на Трамп изгледа поитно од кога било. А Германија би можела да игра водечка улога во тоа. Но, таа моментално се соочува со владина криза која најверојатно ќе доведе до предвремени избори на 23 февруари. Безбедносните експерти долго време бараат Европа да може да спроведува воени операции без САД.

Кога станува збор за Трамп, за него станува збор за многу за пари, за „зделки“. Тука сè може да биде адут во преговорите. Овој стил на политика веќе го одбележа неговиот прв мандат (2017-2021). Дури и тогаш, тој редовно се потсмеваше на, според него, премногу ниските германски трошоци за одбрана. Германија му должи на НАТО „огромни суми“, тврдеше Трамп – на што тогашната канцеларка Ангела Меркел реагираше иритирано.

Заштита само ако се одвојат пари?
Треба да се очекува дека Трамп повторно ќе го покрене прашањето за издвојувањата за одбраната. На тоа алудираше во предизборната кампања. Секој што нема да ја исполни „целта на НАТО од два процентa“ – односно, кој не инвестира најмалку два процентa од својот БДП во одбраната – нема да биде заштитен од САД, рече Трамп, придружен со аплауз од неговите поддржувачи.

Експертката за безбедност Улрике Франке од берлинскиот тинк-тенк Европски совет за надворешни односи, смета дека таквите изјави се опасни: „Тоа само по себе неизмерно го поткопува НАТО, бидејќи довербата во НАТО се заснова на верувањето дека другите сојузници ќе прискокнат на помош“, изјави Франке за ДВ.

Поранешниот главен стратег на НАТО, Штефани Бабст, исто така е загрижена од вториот мандат на Доналд Трамп: „Трамп не го гледа НАТО како сојуз на вредности, туку како здружение кое дава услуги.” Кој плаќа, тој добива заштита – таков став е навистина отров за НАТО, смета Бабст и оценува дека рускиот претседател Владимир Путин на крајот има корист од раздорот во Алијансата.

 

 

DW