Бројот на загинати во поплавите во Пакистан се искачи на 1.638, откако уште 42 лица загинаа во несреќи поврзани со поплавите за време на викендот, покажуваат податоците објавени денес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Националната управа за управување со катастрофи (НДМА) соопшти дека од средината на јуни, 12.865 лица се повредени во несреќи поврзани со дождовите и поплавите низ целата земја.
Се наведува дека 824.169 куќи се целосно уништени, додека над 1,22 милиони куќи се делумно оштетени.
Управата наведува дека од јуни досега угинале 1,1 милион грла говеда.
Дождовите и поплавите однесоа 12.716 километри патишта, 374 мостови и згради низ јужноазиската земја, која исто така се бори со политички и економски превирања.
Над 33 милиони од околу 220 милиони жители на земјата беа погодени од поплавите, а штетата на и онака слабата инфраструктура изнесува повеќе од 30 милијарди долари.
Поплавени се околу 45 отсто од обработливите површини, што е сериозна закана за обезбеденоста со храна и дополнително придонесува за зголемување на инфлацијата.
Стотици илјади раселени лица се соочуваат со инфекции на кожата и очите, болести кои се пренесуваат преку вода, а здравствените експерти предупредуваат дека ќе има повеќе смртни случаи од дијареја, гастроинтестинални заболувања, тифус, маларија, денга и други инфекции, отколку од дождот и поплавите.
Во Пакистан досега пристигнаа 126 авиони со хуманитарна помош од Туркије, ОАЕ, Кина, САД, Велика Британија, Узбекистан, Франција, Саудиска Арабија, Јордан, Оман, Непал, Туркменистан, УНИЦЕФ, УНХЦР и Светската програма за храна.
Туркије, исто така, испрати уште еден хуманитарен воз вчера, со над 768 тони помош.
извор:Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).