Бугарските пратеници едногласно со 178 гласови „за“ и без расправа ја донесоа Декларацијата „во врска со систематското и методично уништување на дијалогот меѓу Република Cеверна Македонија и Република Бугарија и провокативните и навредливи изјави кон Бугарија од владејачки политички фактори во РСМ“, објави Република.
Во декларацијата, Националното собрание на Бугарија ја потврдува политичката намера и стремеж за завршување на изградбата на Коридорот 8 од бугарска страна и ја повикува македонската Влада да пристапи одговорно и со добра волја кон сите преземени обврски и договори со цел навремена изградба на делниците од трасата на Коридорот на македонска територија, јавуваат бугарските медиуми.
Втората точка од Декларацијата значи враќање на позитивниот дијалог, како што пишува, прекинат од РСМ и запирање на антибугарската кампања и провокативните изјави кон Бугарија.
Декларацијата ја потврдува и волјата на бугарската држава и институции во однос на организирање на заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, „со оглед на богатата заедничка историја на двете земји“.
Бугарското собрание исто така силно не се согласува со негирањето на, како што велат, „заедничката историја на Македонија и Бугарија од страна на членовите на владата на Република Cеверна Македонија, што е директно кршење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година“.
Во Декларацијата исто така се апелира до институциите во Македонија, во духот на европските вредности и слободи, да се воздржат од одлуки и дејствија кои сериозно би им наштетиле на односите меѓу двете земји и нивните граѓани.