Бугарија забрзано оди и е се поблиску до нови избори, отколку до евентуално надминување на зацементираните позиции меѓу таканаречените „протестни партии” за состав на нова функционална политичка влада, со силна поддршка во редовите на Народното собрание. Откако пред десетина дена мандатот го врати „Има таков народ”, победничката партија на вторите парламентарни избори во последните неколку месеци, вчера истата постапка ја повтори и доскорешната владеачка партија ГЕРБ, второпласираната на последните избори, оддржани на 11 јули, со која ниту една партија во бугарскиот Парламент не сака да коалицира. Но, проблемот е што не сакаат да коалицираат ниту анти-ГЕРБ партиите, секако, секоја од свои причини.
Во ситуација кога ИТН, со своите 65 пратеници, веќе се смета за опозиција, кога со ГЕРБ, никој не сака „да игра”, тогаш останатите партии, пред се, заради нивните теснопартиски интереси, немаат големи шанси сами да направат влада.
ИТН, според нејзиниот лидер, шоуменот Слави Трифонов, веќе е опозиција, затоа што не успеа да ги убеди наводно блиските протестни партии „Демократска Бугарија” и „Исправи се Бугаријо! Ние доаѓаме”, како и третопласираните бугарски социјалисти,( кои не им се омилени) за формирање заедничка, па, макар тоа била и малцинска влада. ГЕРБ на Бојко Борисов, од друга страна, како што и најави, вчера го доби мандатот од претседателот Румен Радев и веднаш го врати. Мандатот како и минатиот пат го прими потпретседателот Даниел Митов,кој враќајќи го на бугарските избирачи им остави сами да ја увидат разликата во понудата меѓу нив и останатите.
Сега на ред повторно е претседателот Радев, кој треба да одлучи дали третиот мандат ќе и го понуди на лидерката на БСП, Корнелија Нинова, или како и минатиот пат, ќе излезе со свој предлог за техничка, експертска или службена влада, сеедно, но која задолжително мора да биде со краток рок. До следните избори. А тие најверојатно ќе бидат уште есенва, и многу веројатно заедно со претседателските избори.
Нинова претходно најави дека ќе се обиде да формира влада и по добивањето на третиот мандат ќе ги почне консултациите со „Демократска Бугарија” и „Исправи се Бугаријо! Ние доаѓаме”, бидејќи со трите партии имаат заеднички основа на која може да ги дефинираат приоритетите и политиките на новата власт. Но, таа вели и дека БСП не се откажала од идејата техничкиот владин кабинет да стане редовна влада
извор/фото: агенции