На денешната 62. седница на Советот на Општина Кочани, советниците избраа вршител на должноста градоначалник, по оставката на досегашниот градоначалник Љупчо Папазов, кој е еден од осомничените за пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 61 лице, а над 200 беа повредени.
Кандидатура поднесоа советникот Венко Крстевски, избран од група избирачи, и Гоце Марков, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Во првиот круг од гласањето, и двајцата добија по осум гласа, бидејќи советничката Кристина Атанасова Арсова од ВМРО-ДПМНЕ поднесе оставка и не гласаше. Во вториот круг, кога се гласа со просто мнозинство од присутните, Крстевски доби девет гласа, а Марков осум.
По изборот, Крстевски се заблагодари за поддршката и истакна дека во наредните шест месеци, до локалните избори, ќе се фокусира на рехабилитација на градот по трагедијата и на поефикасно функционирање на институциите.
Седницата беше одбележана со тензии и меѓусебни обвинувања меѓу дел од советниците, поради што беше дадена едночасовна пауза. Советничката Арсова ја образложи својата оставка со тоа што не прифаќа политичко препукување, особено бидејќи нејзиното дете е меѓу повредените во пожарот.
Советниците од СДСМ најавија дека нема да делуваат политички во претстојниот период и изразија подготвеност да го поддржат новоизбраниот в.д. градоначалник, без да предлагаат свои кандидати за раководни позиции во општинските институции.