Шефот на Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово – ЕУЛЕКС, Ларс Гунар Вигемарк ја оцени безбедносната состојба во северно Косово, создадена по напуштањето на институциите од страна на косовските Срби, како „мошне кревка“, јави дописникот на МИА од Приштина.
По денешната посета на областа во која живее мнозинско српско население, Вигемарк на својот Твитер напиша дека тамошното население е исплашено од можниот развој на настаните по најавеното спроведување, од 21 ноември, на одлуката на Владата во Приштина за казнување на тие што нема да ги променат регистарските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС, односно Република Косово.
„По средбите што ги имав во Северна Митровица со политичките лидери, граѓанските организации и неодамна формираната полициска единица на ЕУЛЕКС, јасно е дека безбедносната состојба е мошне кревка и дека месното население е исплашено. ЕУЛЕКС ќе продолжи да ја мониторира ситуацијата и бара од сите да покажат максимална воздржаност“, напиша Вигемарк.
Радио Слободна Европа