Македонскиот пејач Зоран Илиев, добро познат по своите два триумфа на Макфест и по карактеристичниот препознатлив вокал, ја претстави новата музичка приказна – „Не боле мене“, песна снимена на српски јазик и наменета за пошироката регионална публика.
Проектот премиерно беше објавен вчера на сите стриминг платформи и социјални мрежи, а веќе ги собира првите позитивни реакции од македонската и српската публика.
Врвна екипа зад овој проект
Песната е резултат на соработка меѓу неколку признати имиња од регионот.
Аранжманот го изработи Александар Софрониевиќ, еден од најреномираните музичари на Балканот, кој зад себe има соработки со најголемите имиња од српската естрада – меѓу нив и легендарниот Здравко Чолиќ.
Музиката ја компонира Панче Касапски, додека текстот е дело на Огнен Неделковски и Давор Крстевски.
За мастерингот и финалната продукција се погрижи Иван Лековиќ (Asstudioton).
Видеоспот со филмска атмосфера
Видеото, снимено во Белград под режисерска палка на Бојан Стевановиќ, носи интересни визуелни препратки кон позната филмска сцена. Во него Илиев и Софрониевиќ се појавуваат како централни актери, што му дава на спотот дополнителна приказна и динамика.
Илиев: „Ова е само почеток“
„Соработката со Александар беше одлична и многу сум задоволен од конечниот резултат. Ова е само почеток – следуваат уште многу нови проекти за публиката“, изјави Илиев по промоцијата.
Регионална промоција во тек
„Не боле мене“ ќе продолжи со промоцијата и на српскиот пазар, а во план е песната да биде презентирана пред јавноста низ целиот регион. Со ова, Зоран Илиев отвора ново професионално поглавје и чекор понапред кон регионалната музичка сцена.




