„Виз Ер“ нуди бесплатен превоз за 100.000 украински бегалци

Нискобуџетниот европски авиопревозник „Виз Ер“ соопшти дека става на располагање бесплатни летови за 100.000 украински бегалци. Унгарската авио-компанија на социјалните мрежи објави дека е „посветена“ да помогне бегалците да стигнат до нивните дестинации.

 

Бесплатните летови ќе бидат достапни во текот на март со авионите кои летаат од Полска, Словачка, Унгарија и Романија.

Покрај бесплатните летови компанијата ќе понуди и билети од 30 евра за сите други бегалци, кои веќе ја напуштиле Украина, но се заглавени во некои други држави.

„Нашите срца се заедно со граѓаните на Украина во оваа криза. Посветени сме да помогнеме на што е можно повеќе украински бегалци да стигнат до безбедно место, токму затоа нудиме 100.000 бесплатни места од пограничните држави и специјални цени за сите други летови“, вели директорот на „Виз Ер“, Јозеф Варади.

Според УНХЦР повеќе од 660.000 луѓе веќе ја напуштиле Украина по руската воена инвазија врз земјата.