Владата и опозицијата со различни ставови за гласањето во ОН

Одлуката на македонската Влада да не ја поддржи резолуцијата на ЕУ и да застане зад американската резолуција за Украина, предизвика реакции во земјата. Опозициската СДСМ го оцени како скандалозно позиционирањето на државата во однос на гласањето во понеделникот (24.02) за резолуциите на САД и ЕУ за Украина.

„Ваквите одлуки укажуваат на целосен аматеризам во водењето на надворешната политика на земјата. Со само еден потег, Владата направи двојна штета кон стратешките партнерства со ЕУ и САД“, велат од СДСМ.

Северна Македонија гласаше „воздржано“ за резолуцијата на Украина и ЕУ, со која се осудува агресијата на Москва и покрај Унгарија, беше единствената земја од Европа која не го поддржа овој документ. Македонија гласаше воздржано и за декларацијата за Украина поднесена од САД, иако беше најавено дека ќе биде нејзин коспонзор.

Премиерот Христијан Мицкоски не даде прецизно објаснување на што се должи ваквата одлука. Образложението на МНР беше дека одлуките за поддршка на резолуциите во ОН се носени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешнополитички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, заложбата на земјава за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, но и стратегискиот интерес за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со партнерите. Од Владата порачаа дека гласањето било целосно усогласено со САД.

Одлуки не смеат да се носат избрзано и своеволно
„Ставот на СДСМ во однос на војната во Украина е јасен, цврст и усогласен со ЕУ – Русија е агресор и изврши неоправдана и непредизвикана инвазија врз Украина, која е суверена и независна држава. Овој став е принципиелен и непроменет. СДСМ останува доследен на принципите за поддршка на независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и заедничките позиции на Европската унија“, соопшти партијата.

Според нив, стратешкото партнерство со САД е од суштинско значење и треба постојано да се гради и зајакнува, но истовремено, македонската дипломатија мора да остане фокусирана на нашиот клучен државен интерес – европската интеграција. Партнерството со САД треба да биде во функција на забрзување и успешно завршување на евроинтегративниот процес, порачува опозицијата. Тие сметаат дека премиерот Христијан Мицкоски ја води меѓународната политика без поширока координација и консултации на важни прашања и прави огромни грешки.

„Неприфатливо е одлуки кои се од стратешко значење за иднината на земјата да се носат избрзано и своеволно. Одлуките за меѓународната позиција на државата мора да се носат транспарентно, со координација на сите релевантни институции и во согласност со нашите стратешки партнери“, велат од опозициската партијата. Тие инсистираат на јасна, конзистентна и усогласена надворешна политика која ќе ги почитува и зајакнува меѓународните партнерства, а истовремено ќе ја води државата кон нејзината примарна стратешка цел – членство во ЕУ.

Загриженост за односите со ЕУ
Загриженост за ваквата одлука изразуваат и од Либерално-демократската партија (ЛДП). „Македонија мора да стои цврсто на страната на меѓународното право, демократијата и суверенитетот на сите земји, вклучувајќи ја и Украина. Одлуката за воздржаност претставува не само политички сигнал кој може да ја наруши нашата евроатлантска ориентација, туку и да ја доведе во прашање нашата посветеност на принципите на правдата и правото кои се основа на нашето членство во Европската Унија и НАТО“, порачаа од партијата.

Како кандидат за членка на ЕУ, од ЛДП велат дека земјата мора да има јасно усогласување на својата надворешна политика со политиките на ЕУ. „Воздржаноста при гласањето на Европската резолуција за Украина е знак на неусогласеност со официјалните позиции на ЕУ, која ја поддржува Украина во нејзината борба против агресијата“.

Влада: Гласањето е целосно усогласено со САД
Но, од Владата велат дека гласањето било целосно усогласено со САД, со што Мицкоски само ја унапредил соработката на Македонија со САД „СДС во очај и љубоморат на сопствената држава“, велат од Владата порачувајќи дека се посветени на зајакнување на трансатлантското партнерство.

Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), на третата годишнина од руско-украинската војна, ја усвои резолуција подготвена од Киев, а чии спонзори беа земјите членки на Европската Унија. Во неа се повикува на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и се осудува руската агресија на земјата.

 

 

DW