ВМРО ДПМНЕ: Парите да си ги врaтат од свои џебови, докторка земала 5 илјади евра фиктивни дежурства, а владата ќе плаќа 8.5 милиони евра пенали поради откажаниот готов проект за Клинички центар

Во изминатите 24 часа се случија 2 скандали врзани со здравствениот систем управуван од неспособните кадри на СДС и ДУИ.

Првиот, Владата потврди дека Министерството за здравство треба да плати 8,5 милиони евра поради раскинување на договорот за изградба на клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Значи двојна штета е остварена, Македонија без клинички центар и поради хирот, криминалните интереси на власта и неспособноста на истата, од џебот на граѓаните ќе треба да се плати 8,5 милиони евра, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.

Во продолжение на истото од партијата додаваат:

Вториот, видовме како директорка на болница земала енормни парични средства под ставката вонредни дежурства, во состојба кога докторите во државното здравство врзуваат едвај крај со крај.

Злоупотребата на дежурства и дополнителни работни саати, за да се пишуваат баснословни плати на поединци е доказ како функционира власта. Воедно таков сомнеж за криминално работење е невозможен без одобрување и на економскиот директор на детската клиника кој е кадар на ДУИ кој одобрил такви сомнителни исплати.

Воедно се чини дека со секој нареден скандал е тенденција да се покрие претходниот.

Додека обичните лекари едвај врзуваат крај со крај, власта паушално полни со пари неколку лекари.

Буџетот, кој го полнат граѓаните буквално се оштетува со пишување на двојни работни саати, кои се забранети со закон.

Случајот кој што го објавија медиумите каде еден лекар зема 5.000 евра плата, додека другите не земаат ниту половина од таа сума е срам за системот.

Секој лекар специјалист кој има 3 обични дежурства и две викенд или празнични дежурства има максимум 1.700 евра плата. Плаќањето на одредени лекари двојно повеќе е понижување за сите други, и е основан сомнеж за постоење на сериозни злоупотреби.

Го повикуваме ДСЗИ да направи контрола во сите клиники во Клиничкиот центар за извршени плаќања на плати и дежурства.

Министерството за здравство да реагира, и да се утврди кој потпишал исплата на плати двојно поголеми од тоа што максимално земаат други лекари.

Одговорност мора да има. Исто така мора да има одговорност и за залудно потрошените 8,5 милиони евра со кој можеше да се изгради нова болница или да се отпочнеше градбата на новиот клинички центар. Таквата овставштина на неспособност и криминал од Венко Филипче и Зоран Заев ја надоградуваат министерот Сали и премиерот Ковачевски. И за тоа мора да има одговорност. Ако се малку доблесни овие пари луѓето од власта треба да ги вратат од сопствениот џеб.

извор: ВМРО ДПМНЕ