ВМРО-ДПМНЕ: Ќе бараме од Арсовска да ги докаже своите изјави пред суд, тогаш јавноста ќе се увери во вистинската психолошка состојба на оваа личност

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат на интервјуто на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за „Канал 5“ телевизија.

Од партијата велат дека ќе бараат од Арсовска да ги образложи своите изјави пред надлежните судови.

Со оглед на огромното количество лаги што ги изнесе Данела Арсовска, во срамното интервју на Канал 5 телевизија, би сакале да истакнаме следново:

Крајно сме загрижени за психофизичката состојба во која се наоѓа градоначалничката Арсовска. Сметаме дека постојат основани сомнежи, кои се манифестираат во континуитет неколку месеци наназад, за здравствената способност таа да ги извршува надлежностите што ѝ се доверени.

Арсовска има должност, со оглед на тешките последици врз скопјани што се предизвикани од нејзината деструктивност и компулсивност, да ѝ достави на јавноста релевантен лекарски доказ од кој ќе се увиди дека таа е навистина психички здрава личност.

Сепак, имајќи ја предвид тежината на обвинувањата што ги искажа во интервјуто, независно од истакнатото, приморани сме да побараме тоа да го докаже во редовна постапка пред македонските судови. Истовремено, веруваме дека до тогаш јавноста и на писмено ќе се увери во вистинската психолошка состојба на оваа личност, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

извор: ВМРО ДПМНЕ