Во Берлин денеска, во рамките на Берлинскиот процес, започна Самитот на лидерите на Западен Балкан во текот на кој ќе се разговара за процесот на проширување на Европската Унија, регионалната соработка и енергетската сигурност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Домаќин на овогодишниот Самит на Берлинскиот процес е германскиот канцелар Олаф Шолц, а на собирот присуствуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Шолц на отворањето на Самитот на Берлинскиот процес рече дека Европа може да биде комплетна дури кога кон Блокот ќе се приклучат и државите од Западен Балкан.
„Во текот на првата година на својот мандат имав можност да разговарам со многумина од вас за тешките предизвици со кои се соочуваат државите од Западен Балкан. Овие предизвици се заеднички бидејќи стабилноста и просперитетот на регионот не можат да се одвојат од стабилноста и просперитетот на Европа во целина. Европа може да биде комплетна само со Западен Балкан како дел од неа. Вие, шесте земји од Западен Балкан, ѝ припаѓате на слободна Европа и вашето членство во ЕУ е во наш интерес“, изјави Шолц.
Германскиот канцелар изрази уверување дека Берлинскиот процес ќе помогне да се ослободи полниот потенцијал на регионалната соработка, но и да го забрза пристапувањето на сите земји од Западен Балкан во ЕУ.
Во рамките на Самитот ќе се одржат две работни сесии на тема „Регионална соработка и регионален заеднички пазар“ и „Сигурност во снабдувањето со енергија и трансформација“.
Врв на Самитот ќе биде церемонијата на која шефовите на владите на Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово и Србија ќе потпишат три договори – за слободно движење со лична карта, за признавање на високошколските квалификации и за признавање на професионалните квалификации за докторите по медицина, докторите по дентална медицина и за архитектите.
Исто така, се планира и работен ручек со фокус на стратешките прашања и иднината на Берлинскиот процес, по што се очекува одржување на прес-конференција на домаќинот и на учесниците на Самитот.
Самитот за Западен Балкан се одржува во рамките на Берлинскиот процес, кој Германија го започна во 2014 година како платформа за соработка на високо ниво меѓу ЕУ и балканските држави.
извор:Агенција Анадолија (АА).