Во Германија околу 16 илјади фирми пред банкрот, итно бараат намалување на даноците за струја

Околу 16.000 германски продавници се соочуваат со банкрот поради зголемените трошоци за енергија. Ова го објави Spiegel, повикувајќи се на Германското здружение за малопродажба (HDE).

Според извештајот, HDE напиша писмо до вице-канцеларот и министер за економија Роберт Хабек во кое предупредува дека „експлозивните трошоци за енергија“ оневозможуваат сè повеќе трговците на мало да врзат крај со крај.

Здружението ја нарече ситуацијата „егзистенцијална закана“ и рече дека околу 16.000 компании би можеле да банкротираат оваа година, додека „негативниот тренд“ најверојатно ќе продолжи до 2023 година, пренесува RT.

Здружението соопшти дека зголемувањето на трошоците за енергија, кои од почетокот на годинава пораснале во просек за 147 отсто, ги спречува трговците да остварат профит. Уделот на трошоците за електрична енергија во обемот на продажба за трговците на мало веќе достигна речиси три проценти во просек, а многумина во индустријата очекуваат таа бројка да се зголеми на дури пет проценти во 2023 година.

Според претседателот на HDE, Јозеф Санктјохансер и генералниот директор Штефан Гент, приносите постигнати во многу малопродажни сектори се веќе екстремно ниски денес. Кај облеката оперативната добивка како процент од продажбата изнесува 2,1 отсто, додека кај обувките моментално е негативна и изнесува -1,2 отсто. Дури и во прехранбениот сегмент е само два до четири проценти.

Ваквата состојба може да стави многу компании во „неповолна положба“, предупреди HDE.

Со оглед на остриот пад на куповната моќ на приватните домаќинства и рекордно високата инфлација, веројатно нема да може да се префрлат зголемените трошоци за енергија на потрошувачите, велат тие. Затоа здружението го повика Берлин да интервенира со привремено ограничување на тарифите и намалување на даноците за струја на минимум.

 

faktor.mk