Ние, македонските учители (наставници, професори, научници, лекари, општествени и културни дејци, педагози, уметници, новинари и сите што помагаме во воспитанието и образованието на нашите поколенија), кои целиот свој живот им го посветуваме на уката и науката на нашите деца, на нашиот македонски народ и на неговиот просперитет, повикувајќи се на Повелбата и на Општата декларација на ООН за човековите права и слободи, како и на Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, а во духот на Крушевскиот манифест и Манифестот на АСНОМ, го искажуваме своето незадоволство од предлогот на францускиот претседател, господин Емануел Макрон, во кој македонскиот народ е предмет на омаловажување и понижување.
Францускиот предлог, во кој билатералните протоколи со Бугарија стануваат составен дел од преговарачкиот процес, македонскиот народ и македонскиот јазик ќе ги сведе на еднострана изјава која нема важност пред институциите на ЕУ. Македонскиот народ ќе биде дрво без корен и ќе нема можност за изразување на својот континуитет во просторот и времето. Со овој предлог уште пред да почне преговарачкиот процес Македонците ќе бидат сведени на вештачки конструкт од 1944 година. Македонскиот јазик, според овој предлог, ќе биде историски непостоечки за ЕУ. Предлогот наведува дека „ЕУ ќе ги земе предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и на Македонија за македонскиот јазик“, а содржината на декларациите за македонскиот јазик не се соопштува. Како што ни е познато, бугарската официјална политика отсекогаш тврдела дека „македонскиот јазик“ не постоел пред 1944 година, но сега тоа ќе го верификува и ЕУ, бидејќи во сите идни документи на ЕУ каде се споменува македонскиот јазик ќе биде додадено „во согласност со Уставот на Република Македонија“, додека Република Македонија ќе мора да изјави „дека македонскиот јазик, како што се наведува во нејзиниот Устав, е официјален јазик на државата кој е кодифициран во 1945 година.“
Македонски народе, драги Македонки и Македонци,
Ќе ве потсетиме на зборовите напишани во Манифестот на АСНОМ:
„Во деновите на најголемите световни стресенија, во времето на најкрвавата борба на македонскиот народ, твоето прво народно Собрание израснато од крвта и од животите на најарните свои синови, во твое име излегува пред лицето на цел свет да каже на пријатели и душмани, на сојузници и окупатори, на блиски и далечни, оти македонскиот народ е решен да заживее слободен живот и оти никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат кон полна национална слобода.“
Драги наши сограѓани од сите етнички и верски заедници во нашата заедничка татковина Република Македонија, ќе ве потсетиме на зборовите во Крушевскиот манифест:
„Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотерат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава…
…Ако и вие не имате како ваши браќа и ни сакате доброто, ако есапите пак да живејте со нас, како шчо сте живејале досега и ако сте верни и достојни синој на мајка Македонија, можите да ни поможите само со едно нешчо ‒ а тоа јет голема помошт. Да не се заортачите со душманите…“
Господине Пендаровски, претседател на Република Македонија,
Ваша света должност е да ги браните интересите на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во заедничката татковина Република Македонија. Да ве потсетиме дека дадовте свечена заклетва и дека во моментов Вие ги претставувате сите граѓани на Република Македонија, а не политичката елита, ниту пак која било партија на којашто ѝ должите нешто. Не заборавајте дека народот Ве избра!
Од Вас бараме јасно и гласно да кажете дека не се согласувате со предлогот на г. Макрон, кој всушност ги штити бугарските националистички идеи во кои се препознава идентитетска ликвидација на Македонија и македонската посебност.
Господине Ковачевски, претседател на Владата на Република Македонија,
Господине Османи, министер за надворешни работи, господине Маричиќ и сите министри во Владата на Република Македонија,
Македонија се наоѓа во најтешките моменти од своето постоење. Вашата согласност за Францускиот предлог во кој се промовираат етноцидните политики насочени против Македонија и Македонците, а легитимирани како „европски“ и „евроатлански интеграции“ никогаш нема да биде заборавена!
Не понижувајте се себеси, а со тоа и нашата заедничка татковина Република Македонија повторно! Не дозволувајте уште еднаш да учествувате во распетието. Дури и на Исус Христос му било многу полесно, зашто имаше само еден Јуда. Не бидете како Понтиј Пилат, миејќи ги рацете од гревот што сакате да го прикриете.
Господине Макрон, претседател на Република Франција,
Жално е за еден претседател на Франција, земја на слободата и демократијата, „локомотивата“ на европските вредности, земја во која се родиле великани со космополитски умови како Волтер, Русо, Даламбер, Декарт, како нобеловецот Анатол Франс, кој целиот свој живот се борел против неправдите и кој јавно се залагал за правата на Ерменците и на Македонците во новите констелации на светската геополитика, Вие да го промовирате спротивното.
Потсетете се, ако некогаш сте го прочитале, на делото на Луј Вансен Тома „Антропологија на смртта“, во кое тој пишува што значи идентитетска смрт. Според него, а и според многумина, таа е најстрашна од сите видови на смрт!
повеќе на ЛИНКОТ
novamakedonija.com.mk