Во областа Гора никогаш немало припадници на бугарскиот народ!

Громогласен восклик на македонското друштво „Илинден“-Тирана:

Во пресрет на пописот, македонско друштво „Илинден“-Тирана ги повика сите Македонци во областа Гора, Косово, да се изјаснат дека се Македонци и да го зачуваат својот македонски идентитет. Исто така друштвото „Илинден“-Тирана упати и јавен повик до Македонците во областа Гора и во Косово на пописот на населението од 5 април до 17 мај годинава да се попишат како Македонци, со мајчин македонски јазик.

Пописот во Косово ќе се одржи од 5 април до 17 мај годинава заради спроведување на принципите на „Евростат“, а досега повеќе релевантни меѓународни организации посочија дека токму поради пописот се засилуваат обидите за бугаризација на Македонците што живеат во областа Гора, Косово. Конкретно, од Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) со седиште во Љубљана, Словенија, нагласуваат дека бугаризацијата на Косово е засилена токму поради пописот, затоа што Софија сака преку пописот да го легализира присуството на Бугарите во структурата на косовското население, а следниот чекор е да ја вклучи бугарската заедница во Уставот, како што веќе се бара од Македонија. Целта е Бугарите и официјално да станат еден од т.н. немнозински заедници во Косово, се наведува во анализата на ИФИМЕС. Сите досегашни обиди за бугаризација на Македонците од областа Гора беа осудени од повеќе македонски друштва и организации, вклучувајќи и од Исмаил Бојда, но немаше никакви реакции од македонските државни институции.

Бугарија врши агресија врз Македонците во областа Гора и во Косово

Во пресрет на пописот, македонското друштво „Илинден“-Тирана ги повика сите Македонци во областа Гора, Косово, да се изјаснат дека се Македонци и да го зачуваат својот македонски идентитет. Исто така друштвото „Илинден“-Тирана упати и јавен повик до Македонците во областа Гора и во Косово на пописот на населението од 5 април до 17 мај годинава да се попишат како Македонци, со мајчин македонски јазик. Жителите на областа Гора не се ништо друго освен етнички Македонци, тие се неотуѓив, нераскинлив и неотстапен дел од македонскиот народ – се наведува во соопштението на македонско друштво „Илинден“-Тирана. Македонско друштво „Илинден“-Тирана исто така ја осуди бугарската влада, која врши агресија врз Македонците во областа Гора и во Косово, во намерите на претстојниот попис да се попишат како етнички Бугари. Македонското друштво „Илинден“-Тирана исто така потсетува дека етнички Бошњаци и Бугари во областа Гора никогаш во историјата немало, нема, ниту ќе има, како што ги нема ниту во Република Албанија!

Македонците од Косово се нераскинлив дел од македонската нација

Македонците од Косово живеат во областа Гора во 18 села. Според досегашните статистички податоци, бројката на овие Македонци се движи околу 7.000 лица, а според одредени податоци во глобални рамки вкупниот број на Македонците од Гора изнесува околу 50.000 лица. Македонците што ја населуваат областа Гора се одликуваат со исламска религиска припадност, а нивниот горански дијалект припаѓа на периферните западни македонски дијалекти од западното наречје, односно на македонскиот јазик.

Нивните обичаи се типично македонски, како што се адетите за свадбата од горанското село Брод, кои се идентични со адетите на познатата Галичка свадба. Во оваа област се слават и неколку православни празници, иако овие Македонци се муслимани. Така, на пример, најголем празник во оваа област е празникот Ѓурѓовден, а масовно се слават и Божиќ и Благовец – посочува Исмаил Бојда, еден од најпознатите Македонци од Гора и продолжувач на делото на поетот Саме Лимани Жарноски и на проф. д-р Нијази Лиманоски, истакнати чувари на Македонците со исламска вероисповед и на Сојузот на Македонците со исламска религија.

По прифаќањето на исламот, овие Македонци се соочиле со притисоци за етничко изјаснување како Турци и Албанци. Во изминативе години има и обиди за нивно бугаризирање преку пропагандата што е насочена кон нивно прикажување како Бугари, нешто што е спротивно од историските, културните и јазичните реалности. Денес постојат неколку македонски друштва и организации што ги негуваат македонските национални особености – јазик, култура, обичаи, историја итн.

 

/www.novamakedonija.com.mk