Четиримесечно бебе со тешка повреда на главата е пренесено во средата попладне од Пула во болницата во Риека на понатамошно лекување додека полициски службеници утврдуваат како е повредено бебето, соопшти во четвртокот истарската полиција.
Според засега достапните информации, полицијата во средата околу 15 часот и 30 минути од Одделението за анестезија при Општата болница во Пула добила пријава дека добиле дете со тешки повреди на главата, односно со скршеница на черепот и крварење во мозокот, пренесува N1.
Неофицијално се дознава дека четиримесечното девојче било ставено во индуцирана кома и дека итно е пренесено во болницата во Риека, каде се наоѓа на одделението за интензивна нега.
За овој случај, како што пишуваат медиумите, засега нема елементи на кривично дело бидејќи на телото на бебето не се пронајдени траги на насилство, а ништо од претходно не укажува на насилничко однесување во семејството од Ровињското село.
Полициските службеници продолжуваат да разговараат со членовите на семејството за да се утврдат сите околности на настанот што довеле до тешката повреда на бебето.
Истрагата е во тек.