Во тек се рочишта за определување притвори за случајот со пожарот во Кочани

Во тек се рочишта за определување притвори за лицата осомничени за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани, информираат изутринава од Јавното обвинителство.

За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителството поведе постапка за проверка. Од нив за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три се уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.

Во пожарот што се случи вчера животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и странство.

Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала.

Како што соопшти синоќа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, досега се сослушани над 20 лица, меѓу кои и еден од организаторите на настанот, а потврди дека на информативен разговор е повикан и поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши.

Според Коцевски, се работи за сложен предмет и има многу работи што треба да се испитуваат. Досега се преземени низа активности – наредби за обдукција на жртвите, наредби за преземање мерки до МВР и БЈБ за апсење на секое лице кое со своето постапување или не постапување придонело за настанот и да се испита неговата улога, наредба за анализа на одземени предмети, предлог за издавање наредба за одземање видео снимки од безбедносни камери, предлог за издавање наредба за привремено одземање документација на правниот субјект, барање за претрес во дом и други простори и барање за меѓу институционална соработка до ОЈО ГОКК.

Лицата постапувале спротивно на прописите и техничките правила на мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и делото на луѓето од големи размери, изјави Коцевски.

Како одговор на итното барање на македонските власти, Турција испрати два медицински авиони за евакуација.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, соопшти дека дел од осомничените за предизвикување на овој кривично правен настан се починати, дел се во болница. Четири лица моментално се обезбедни во болница – два члена на бендот, син на сопственик на дискотека и управител на правното лице кое што ја менаџирало дискотеката.

Дел од приведените лица кои што моментално се во полициска станица се луѓе кои имаат директна вина со овој настан, согласно досега собраните докази. Приведено е едно лице, кое што е организатор на настанот и за кое што имаме сомнение дека e еден од оние кои што имаат директна вина. Исто така, приведени се поранешен државен секретар на Министерство за економија, поранешен раководител на еден сектор во Министерство за економија, поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени во рамки на дирекцијата, изјави Тошковски.

Легална лиценца за работа фирмата немала и во овој дел од истрагата Тошковски рече дека не може да открие повеќе детали, но посочи дека, како и многу други работи од минатото е поврзана со мито и корупција.