Празни продавници и бензински пумпи поради високите цени во Хрватска

Во Хрватска денеска (24 јануари) започна најавениот бојкот на продавници, трговски синџири и бензински пумпи поради постојаното зголемување на цените.

Иницијативата, која потекнува од Фејсбук-групата „Ало, инспекторе“, зад која стои Европскиот центар за извонредност на потрошувачите (ECIP), доби поддршка од здруженија за заштита на потрошувачите, синдикати, политички партии, па дури и од министерот за економија.

Повикот за бојкот се споделуваше на социјалните мрежи изминатите денови:

„На 24 јануари во Хрватска се организира бојкот против високите цени на храната. Се повикуваат граѓаните на тој ден да не купуваат ништо, апсолутно ништо. Подгответе се за тој ден како да е недела“, стои во пораките.

Податоците покажуваат дека потрошувачките цени во Хрватска, во декември 2024 година пораснале за 4,5 проценти во споредба со истиот месец од претходната година, што е највисок раст од мај. Хрватска е меѓу трите земји на ЕУ со највисока инфлација, по Романија (5,5 проценти) и Унгарија (4,8 проценти).

slobodnaevropa.mk