Синдикалните организации на Македонска Пошта со најава за двочасовен протест утре.
Во пишаната изјава од претседателот на Синдикатот, Боро Велигденов се вели дека протестот ќе биде од 08:00 до 10:00 пред Дирекцијата и во сите подружници на националната Пошта, а преку истиот ќе побараат исплата на платата за минатиот месец и решение за состојбата во поштенското претпријатие.
„На протестот вработените ќе го изразат револтот и загриженоста од серизноста на состојбите во која е доведена АД Пошта предизвикани од финансиската криза, крајно лошата организација во работењето, необезбедени услови и средства за работа, а најголемата загриженост и револт кај вработените е предизвикано од грубото непочитување на работничките права од страна на работодавачот. Работодавачот и покрај законската обврска за редовна исплата на плата, не им исплати плата на работниците во законскиот рок до 15-ти во месецот, за февруари 2024 година доведувајќи г до работ на егзистенција и неможност за обезбедување пристоен живот на нивните семејства“, вели Велигденов.
Како што вели, револтот и стравувањата се дотолку поизразени од крајно лошата финансиска состојба на друшвото и неизвесноста за редовна исплата на плата во нареден период .
„Комуникацијата со раководството е на многу ниско ниво, немаат слух за проблемите на своите вработени и не се придржуваат до договорените ставови, права и обврски. Сите досегашни средби со менаџментот не вродија со плод, односно немање спремност за реформирање и реорганизање на друштвот кое е повеќе од потребно, токму затоа принудени од актуелната ситуација, огромната неизвесност за иднината на нашата компанија и зачувување на работните места вработените – членови на синдикатите својот револт и незадоволство ќе го искажат на општ протест“, додава тој.