Вучевиќ најави дека денеска формациите на војската ќе бидат целосно распоредени покрај границата со Косово

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека Војската на Србија (ВС) ќе остане на највисоко ниво на борбена готовност до петок, а дека формациите на војската ќе бидат целосно распоредени покрај границата со Косово денеска до 14 часот, јавува Анадолу.

Вучевиќ рече дека суштината е Војската на Србија да остане на највисоко ниво на борбена готовност, но оти очекува ова прашање да се реши политички, а не со војна.

Тој додаде дека началникот на Генералштабот на Вооружените сили, генерал Милан Мојсиловиќ, е во постојани разговори со КФОР, чија задача е, како што рече Вучевиќ, да обезбеди мир и безбедност за српскиот народ на Косово, пренесе РТС.

Пред Општината Звечан на Косово, која ја чуваат кордон војници на КФОР, мирно протестираат српските граѓани на таа општина, јави известувачот на Анадолу.

Со граѓаните се и претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, потпретседателот Игор Симиќ и други политички претставници на Србите на Косово. Меѓу граѓаните се забележуваат и лица со маски на лицата.

Припадниците на Полицијата на Косово и ЕУЛЕКС се стационирани на почетокот на улицата каде што се наоѓа општинскиот објект.

Рано утринава се случија кратки немири, кога граѓаните со фрлање солзавец се обидоа да го пробијат безбедносниот кордон. Косовската полиција потоа употреби спреј за да ги спречи демонстрантите да влезат во општинскиот објект.

Граѓаните протестираат и пред општинските згради во Зубин Поток и Лепосавиќ.

Новите градоначалници на општините на северот на Косово, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, во петокот влегоа во општинските згради со помош на специјалци од косовската полиција.

Амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер, закажа средба со новите градоначалници на општините од северот во Приштина.

Вонредните локални избори се одржаа на 23 април, но излезноста беше помала од четири отсто поради бојкотот на српската заедница.

Извор: Анадолу.

фото:Анадолу.