Во првиот одговор на пресудата против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој првостепениот суд го осуди на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност, Народното собрание на Република Српска донесе неколку заклучоци. Во првиот се наведува дека Судот на БиХ со својата одлука извршил државен удар и целосно го урнал уставниот поредок на земјата, бидејќи донел пресуда врз основа на одлуката на неизбраниот странец Кристијан Шмит, а не врз основа на закон усвоен од Парламентарното собрание на БиХ.
Собранието понатаму ја „отфрла и не прифаќа ниту една одлука на Кристијан Шмит“, се вели во заклучоците во врска со усвоената информација за рушење на Уставот на БиХ, потпишани од партиите собрани околу Сојузот на независни созијалдемократи (СНСД). Собранието ги смета за ништовни и сите закони и одлуки на органи кои не се дефинирани во Уставот на БиХ, пред сѐ Високиот судски и обвинителски совет (ВСТС), Обвинителството на БиХ, Судот на БиХ и Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА).
Но, веднаш по собраниската седница се одржа посебна владина седница на која беа утврдени повеќе закони, меѓу кои и оној за контрола на работата на невладините организации за чие донесување меѓународната заедница предупредува со месеци.
Пред седницата на владата, во Бања Лука дојде и српскиот претседател Александар Вучиќ. По итната седница на Советот за национална безбедност, на Додик му е дадена целосна поддршка и пресудата е отфрлена како недемократска и незаконска. Беше повикано на смиреност и изразено противење на мешањето на странци. Вучиќ и во Бања Лука повика на смиреност, порачувајќи дека Србија и тој секогаш ќе стојат на страна на Република Српска.
Нема воени планови
„Ова е тежок ден за српскиот народ“, рече Вучиќ, а потоа посочи дека во Бања Лука дошол со две барања.
„Прво, да го замолам Додик да ги покани сите политички актери во БиХ, но и претставниците на ЕУ и САД и Руската Федерација и Кина, да иницира дијалог, да иницира разговори. Знам дека не му е лесно во моментов, но треба да ја покаже српската посветеност на мир, на решавање на проблемите преку дијалог, а не со закани“, рече Вучиќ, замолувајќи во второто барање за единство меѓу српскиот народ.
Бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, уверува дека нема потреба од паника и дека државните власти на БиХ заедно со нивните сојузници преземаат законски и одлучни чекори.
Веднаш по пресудата пристигнаа реакции од хрватскиот државен врв. Премиерот Андреј Пленковиќ ја смирува ситуацијата, изјавувајќи дека „треба да ја спуштиме топката“ и да најдеме решенија кои ја прават БиХ функционална.
DW