Германија: Компаниите ќе градат станови за работниците

Возачи на автобуси, електротехничари, монтери за фотоволтаични системи, ИТ-специјалисти – градските служби на Минхен моментално нудат речиси 200 отворени работни места. Ова градско претпријатие, кое е одговорно за снабдување со енергија и вода, како и за јавниот превоз, е еден од најголемите работодавци во баварската престолнина. „Во Минхен веќе долго време не можеме да најдеме доволно квалификуван персонал“, објаснува Бернхард Бек од градските служби на Минхен. „Во меѓувреме, редовно учествуваме на регрутациски настани, на пример во Сараево, Тирана или Малага.“

Меѓутоа, разговорите за вработување веќе не се само за работата. „При речиси секоја апликација нè прашуваат за стан“, изјавува Бек. Веројатноста да се најде прифатлив стан во Минхен е споредлива со добивка на лото. За странците кои бараат стан, ситуацијата е уште потешка.

Недостатокот на станови го отежнува наоѓањето работници
Во анкета на консултантската компанија ПВЦ (PwC), четири од пет компании во Германија велат дека лошата состојба на пазарот на станови дополнително ја отежнува потрагата и задржувањето на квалификувани работници. Ова особено важи за секторите кои не нудат високи плати, како што се здравствената заштита, гастрономијата, занаетчиството и трговијата.

Секој трет вработен во големите градови и урбаните области вели дека веќе размислувал за иселување и промена на работата поради високите кирии. За економскиот совет на експерти, кој ги советува сојузните власти, недостатокот на станови веќе има „негативно влијание врз целокупниот економски развој“, односно го забавува растот на Германија. Луѓето не можат повеќе да се преселат на места каде што има добри работни понуди.

Договорот за закуп е голем плус
Во Минхен, просечно се бараат 25 евра кирија (без режиски трошоци) по квадратен метар за нови закупи. „Нашите вработени се претежно во средни и пониски платни категории и не можат да си ги дозволат овие цени“, вели Бек. Затоа, компанијата основа посебен оддел за недвижности, кој го води Бек. Изградени или купени се веќе 1.500 станови, а до 2030 година треба да бидат 3.000. „Ако можеш да му кажеш на кандидатот дека на работниот договор му е придодаден и договор за закуп, тоа е големо предност.“

Киријата се усогласува со работничкиот совет и зависи од приходот. „ИТ-специјалистите плаќаат повеќе од техничките работници.“ Просечно се бараат 12 евра кирија по квадратен метар. „Не треба да остваруваме профит од становите, туку да работиме на принцип на покривање на трошоците“, објаснува Бек. Ова не е лесно, особено поради драстично зголемените трошоци за градба. „Се обидуваме да градиме и реновираме што е можно поевтино, користејќи голем број готови компоненти.“

Работнички станови постојат од 19 век
Обезбедувањето на станбен простор за работниците е традиција во Германија која трае со децении. Ова започна во средината на 19 век со индустријализацијата. За да се задоволи растечкото барање за работна сила и да се врзат работниците долгорочно за компанијата, првично челичниот гигант Круп изгради илјадници станови и куќи. Други компании го следеа неговиот пример. Без разлика дали станува збор за јагленокопи, пошта или железница, се појавија големи населби кои не само што нудеа прифатливи станови, туку и го зајакнуваа чувството на заедница меѓу работниците.

Меѓутоа, кон крајот на 20 век, кога веќе немаше недостиг на станови и работната сила беше во изобилство, повеќето од овие имоти беа продадени.

 

 

DW